• среда, 25 декември 2024

Опозицијата бара седница на Комисијата за изборите и именувањата за утврдување на листа на кандидати за член на ДИК

Опозицијата бара седница на Комисијата за изборите и именувањата за утврдување на листа на кандидати за член на ДИК

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) - Пратеници од опозициските македонски и албански партии во рамки на денешната седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата побараа да се закаже седница за утврдување на листата на пријавени кандидати за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК).

Претседателката на Комисијата Марија Георгиевска рече дека по основ на нивното барање, ќе биде закажана седница за која ќе добијат информација од собраниските служби околу денот и времето на одржувањето.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, многу се одолговлекува ова прашање. 

- Многу долго го одолговлекувате оваа прашање, иако законски е регулирано. Никој не бара нешто што не му следува. Единствено се бара во моменти кога сите знаеме дека изборите ќе се одржат на 8 мај следната година, опозицијата да има можност да го пополни испразнетото место член на ДИК. Има пријавени пет кандидати. Собранието распишало оглас. Датумот на огласот е завршен. Комисијата треба само да види кој од тие пет кандидати, еден или повеќе, ги исполнуваат условите да бидат разгледувани како член на ДИК и Пленумот да се изјасни и да го избере членот на ДИК, рече тој.

Според Милошоски, за да има фер и демократски избори мора да се спроведе изборот на член на ДИК.

-Ова го зборувам затоа што  во оваа Собрание во понеделник ќе има лидерска средба и ќе се разговара за препораките на ОБСЕ/ОДИХР за фер и демократски избори како предуслов општеството и државата да може да биде рангирано како земја кандидат за членство во ЕУ, но не можеме да имаме фер и демократски избори ако на неделовнички и недемократски начин владејачкото мнозинство не сака да го спроведе изборот на член на ДИК по распишаниот оглас кој владејачкото мнозинство го распишало во оваа Собрание. Сметаме дека ваквото однесување ги наведува сите пратеници, но и дел од медиумите да помислат дека владејачкото мнозинство подготвува на некој начин опозиција на опозиција во ДИК, рече Милошоски.

Пратеничката на Алтернатива, Сафије Садики Шаини, во овој процес гледа саботирање од страна на претседателот на Собранието.

-Гледаме дека има саботирање од страна на претседателот на Собранието за спроведување на Изборниот законик. На последната средба со претседателот на Собранието, јас повторно го поставив ова прашање и тој секогаш како образложение вели дека Комисијата за избори и именувања не добила известување од службите по завршување на конкурсот. Значи, тука има саботирање. Доколку тој член на ДИК би бил член на власта, сигурна сум дека службите ќе биде задолжени да направат извештај до Комисијата за избори и именувања откако ќе беше завршен конкурсот, рече Шаини.

Доколку власта сака албанската опозиција да ги саботира изборите, рече Шаини, тоа може да го направи на поелегантен начин.

- Конкурсот за член на ДИК заврши на 16 ноември 2023 година, а денеска сме 1-ви декември и Комисијата се уште не добила извештај. Мислам дека до денес имало доволно време да се добие тој извештај и да се стави како точка на дневен ред, рече Шаини. 

По именувањето на Кренар Лога за министер за правда се испразни едно место во ДИК кое треба да биде пополнето со претставник од опозицијата. Досега, познато е само дека Абдуш Демири е кандидат на aлбанскиот опозициски блок „Европски сојуз за промена“ за член на Државната изборна комисија (ДИК). фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан