• вторник, 24 декември 2024

За спроведување на пописот потребна јасна политичка изјава дека нема да се злоупотребуваат бројките, порачува Пендаровски

За спроведување на пописот потребна јасна политичка изјава дека нема да се злоупотребуваат бројките,  порачува Пендаровски
Скопје, 15 октомври 2020 (МИА) - Ќе мора одговорните лидери и на власта и на опозицијата да седнат и да договорат закон за попис кој ќе биде во склад со сите, апсолутно сите највисоки европски стандарди на Еуростат, и второ да договорат, политичка декларација дека резултатите од пописот нема да доведат до ревизија на Рамковниот договор или на Уставот,  се со цел да не се оспоруваат бројките од пописот Ова го изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски во емисијата Топ тема на ТВ Телма во врска со потребата од спроведување на пописот. Тој посочува дека предлог за политичка декларација може и тој да го поднесе и дека не би била потребна лидерска средба. -Мораме да сфатиме една работа. Во демократијата правата на луѓето мораат да одат само нагоре и нагоре, никако надолу, никако надолу, тоа е рецепт за катастрофи и тензии. Ние ги имавме тие работи. Значи, на крајот на краиштата би предложил сосема не е битно кој колку е во оваа земја, не можеме да одиме ти си 19,9 шпекулирам и сега ти ги немаш тие права, а со 20,1 ги имаш. Затоа што, ако одиме со јасна политичка изјава дека тоа не треба да се злоупотребува на таков начин, јас мислам дека за едно попладне ќе го направиме законот за попис и никој нема да го оспорува... Само така се оди напред, затоа што ако вие оставите мал сомнеж дека зошто ги спорите бројките, тоа во една ваква етнички хетерогена држава е катастрофа, дециден е Пендаровски. Срамота е, вели, што земјава 20 години нема спроведено попис, кој е важен за релевантни статистички податоци, потоа за изборите и за прочистување на Избирачкиот список, а додава, сега  „апсолутно ќе мораме да го спроведеме, бидејќи и Европа ќе го бара тоа од нас“. -Знаете и сами, невозможно е во оваа земја да има 1.820.000 гласачи. Не може да има, дај боже да има, но нема. Во оваа држава можно е да нема 1.800.000 жители севкупно сосе малолетниците, а камо ли само гласачи. Да не зборувам, ниедна политика не можете да ја проектирате, да ја креирате во ниедна област – во здравство, образование, во социјала ако не знаете колкумина луѓе живеат и кој во која категорија припаѓа. Така што, јас се надевам дека овој пат ќе преовладее разумот, посочува Пендаровски. вг/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан