• вторник, 24 декември 2024

За почеток на преговори по поглавја, потребни се уставни измени во кои ќе бидат вклучени делови од други народи

За почеток на преговори по поглавја, потребни се уставни измени во кои ќе бидат вклучени делови од други народи
Скопје, 24 август 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вечерва изјави дека за почеток на преговори по поглавја ќе треба да се направат уставни измени во кои што ќе треба да бидат вклучени делови од други народи кои што живеат во државата, а кои што не се впишани во Преамбулата. - Во моментот зборуваме за Бугарите, Хрватите, Црногорците, меѓутоа веќе и деловите од израелскиот народ изразија таква желба, Египќаните веќе доставија официјално барање. Ние сме мултикултурно, мултиконфесионално општество и сме докажани како такви во Европа, практично ние претставуваме општество кое што е Европа во мало, бидејќи Европа е заедница на различности и јас сметам дека не треба да има проблем во однос на тие уставни измени, рече Ковачевски во „Тема на денот“ на ТВ Сител.Ковачевски истакна дека земјава веќе ги има отпочнато преговорите со ЕУ, календарот на скрининг процесот веќе е објавен, на 14 септември тимовите ќе бидат во Брисел, каде што и официјално се одржува првиот состанок.- Скринингот е во две фази поделен, објаснувачки скрининг и билатерален скрининг. Објаснувачкиот скрининг, ние веќе имаме одредени чекори направено, меѓутоа во делот на билатералниот скрининг кој што е многу покомплексна операција во кој што практично се презентира нашето законодавство виз а вив законодавството на ЕУ и што е она што треба да се направи во текот на преговорите, за таа цел Секретаријатот за европски прашања и вицепремиерот за европски интеграции, веќе работи на екипирање на преговарачкиот тим, многу скоро на седница на Влада ќе се најде и преговарачката структура, истакна Ковачевски.Тој рече дека тука ќе бидат ангажирани сите институции и експерти кои што ги имаме, меѓутоа ќе бидат ангажирани и голем број на експерти кои што не се дел од владините институции, а тоа се експерти од академскиот сектор, деловниот сектор, невладиниот сектор и сите оние кои можат да придонесат за побрзо завршување на овој процес.- Скринингот според она што ние го имаме како увид во моментот и капацитетите кои што ги поседуваме, сметаме дека можеме да го завршиме за 14 до 16 месеци, што би било прилично брзо во однос на други држави кои што поминувале низ овој процес, и потоа отпочнува отворањето на поглавјата, оцени тој. Во однос на тоа дека досега нема двотретинско мнозинство за промена на Уставот, и противењето на власта за одржување предвремени избори, Ковачевски вели дека локалните избори изминатиот викенд испратиле неколку политички пораки и оти се случил голем пораз на опозицијата. Според него, победил европскиот концепт на владејачката коалиција и оти граѓаните на вонредните локални избори испратиле неколку важни пораки и покажале дека знаат да изберат политичка опција што вистински се грижи за нив во тешки времиња. - Се случи победа на европскиот концепт во државата. Во две општини во коишто се избираа градоначалници победија и се избраа кандидати на СДСМ и коалицијата, во Маврово Ростуше кандидат на СДСМ а во Ценат Жупа на коалициски партнер ТДП. Во Тетово, СДСМ го задржа бројот на советници од изборниот резултат на минатите избори. Следната порака е што се случи голем пораз на оние кои што веќе две години блокираат, бојкотираат, шират лажни вести и поделби меѓу граѓаните, лиферуваат постојано некакви анкети за некаква огромна разлика која што се потврди, дека сето тоа било погрешно со оглед на изборниот резултат, рече Ковачевски. нд/сст/

Остани поврзан