• вторник, 24 декември 2024

За обновата и закрепувањето на Украина се потребни 383 милијарди евра, проценија украинската Влада, Светска банка, ЕК и ОН

За обновата и закрепувањето на Украина се потребни 383 милијарди евра, проценија украинската Влада, Светска банка, ЕК и ОН

Брисел, 23 март 2023 (МИА) - Трошоците потребни за реконструкција и закрепнување на Украина, која е цел на руската инвазија, се зголемија на 411 милијарди долари (383 милијарди евра), проценија украинската Влада, Светската банка, Европската комисија и Обединетите нации.

Според новата проценка објавена денеска, а која го опфаќа периодот од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година до нејзината прва годишнина, ќе бидат потребни средства за реконструкција и закрепнување во текот на следните 10 години и ќе бидат обезбедени од јавни и приватни фондови.

Наведената сума е 2,6 пати поголема од проценетиот Бруто домашен производ на Украина во 2022 година, соопшти Европската комисија.

Втората брза проценка на штетите и потребите обезбедува сеопфатна проценка на ефектите од војната во 20 различни сектори, специфицирајќи ја директната физичка штета на инфраструктурата и зградите и опишувајќи го влијанието врз животите на луѓето.

Се проценува дека на Украина оваа година ќе и бидат потребни 14 милијарди долари за приоритетни инвестиции во обнова и закрепнување.

Украинскиот премиер, Денис Шмигал, изјави дека подготовката на втората Брза проценка на штетите и потребите е „важен елемент во стратегијата за реконструкција на Украина“.

-Ние сме благодарни на Светска банка за темелната анализа, која ќе стане важна алатка за нас и нашите партнери во спроведувањето на проектите за закрепнување, кои веќе се почнати, кажа Шмигаљ. сд/

Остани поврзан