• четврток, 14 ноември 2024

Учениците утре се враќаат на настава, до крајот на учебната година ќе имаат пролетен распуст

Учениците утре се враќаат на настава, до крајот на учебната година ќе имаат пролетен распуст

Скопје, 21 јануари 2024 (МИА) – По тринеделниот зимски распуст, основците и средношколците утре ќе се вратат во училишните клупи за да ја продолжат наставата од второто полугодие на 2023/2024 година. Ќе имаат уште еден, пролетен одмор, од 29 април до 6 мај 2024, што е новина оваа учебна година.

Ново е и што учениците во основните училишта ќе учат до 17 јуни, за да се исполни утврдениот број работни денови (180) согласно календарот за организација на наставата. За средношколците учебната година ќе заврши на 10-ти наместо на 17 јуни. МОН ја смени првичната одлука на барање на Средношколскиот сојуз заради подготовките за запишување во високото образование. 

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири појасни дека Законот за средно образование дозволува да се постапи и да им се излезе во пресрет на засегнатите затоа што нема одредена законска обврска за точен број работни денови.

За основците, Владата дополнително ќе треба да одлучи како ќе бидат надоместени двете неработни среди кога ќе се одржуваат изборите (24 април и 8 мај) и дали учебната година во основните училишта ќе заврши два дена подоцна од 17 јуни. Ресорниот министер изјави дека јавноста ќе биде навремено известена.

-Ќе треба да се разгледа како може да се постапи за тие два дена кои се предвидени за реализација во календарот за работа на годишно ниво. Ќе известиме навремено кога ќе има владина одлука за тоа, рече Шаќири. 

- Në interes të avancimit të sistemit arsimor në shtet dhe në interes të qytetarëve, bëj thirrje që sa më shpejtë të miratohen këto zgjidhje ligjore. Nuk pres politizim të procesit sepse part

Покрај пролетниот распуст за сите ученици и продолжената учебна година за основците, новина во второто полугодие ќе биде и постепената примена на нов електронски дневник (Е-дневник). Како пилот-проект ќе се воведе во 40 основни и средни училишта во неколку општини во државава за да се отстранат евентуалните слабости пред да се употребува во сите училишта. Изготвен е со поддршка на ЕУ преку ИПА-фондови.

Пред неколку години целосно беше повлечена хартиената форма на дневникот и воведен Е-дневник, но се појавија проблеми во функционирањето – пад на системот поради што податоците требаше да се воведуваат постепено и во периоди. По реакции на наставниците, повторно беше воведен хартиен дневник, а воедно почна и ИПА-проект за креирање нов електронски дневник кој ќе биде пофункционален од претходниот.

За време на зимскиот распуст Владата, на предлог на МОН, усвои два предлог-закона – за средно образование и за средно стручно образование и обука, кои треба да ги заменат актуелните од 1995 и 2007 година. 

Тие се проследени во Собранието и се очекува да бидат донесени од овој пратенички состав. Министерот Шаќири ги повика парламентарците да ги изгласаат новите закони затоа што постојните, како што рече, не соодветствуваат со реалноста. 

-Во интерес на унапредување на образовниот систем во државата и во интерес на граѓаните, апелирам што поскоро да бидат усвоени овие законски решенија. Не очекувам политизација на процесот бидејќи политичките партии беа повикани, запознаени и вклучени во креирање на нивната содржина и не треба да постојат дилеми дали тие се потребни, изјави Шаќири, ден по усвојувањето на предлог-законите на владина седница. 

Европската комисија во последниот извештај за напредокот на државава, објавен во ноември 2023, исто како и во извештајот од 2022 година, во областа образование нотираше дека се одложува донесувањето клучни закони во образованието. ЕК укажа дека земјава треба особено да се фокусира на финализирање и усвојување на законите за средно образование и за стручно образование и обука, на формирање и операционализација на регионалните центри за стручно образование и обука (ВЕТ-центри) и на донесување на Законот за образование на возрасни. хс/бак/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан