• вторник, 24 декември 2024

За Мизрахи нема ништо спорно во тоа што Анкетната комисија сослушува сведоци паралелно со активната истрага

За Мизрахи нема ништо спорно во тоа што Анкетната комисија сослушува сведоци паралелно со активната истрага

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Не гледам ништо спорно, ние не сме парасуд, бараме само политичка одговорност, вели претседателката на собраниската Анкетна комисија за случајот на Клиниката за онкологија Рашела Мизрахи, коментирајќи ја вчерашната изјава на претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев дека формирањето на Комисијата е недозволиво во време кога има активна истрага за случајот. 

- Постоењето и ингеренциите на Анкетната комисија се дефинирани во Уставот. Ние бараме политичка одговорност, но согласно член 76 може од политичката одговорност да произлезе и друга одговорност како кривична или граѓанска одговорност. Пленумот ја гласаше таа Анкетна комисија и ние разгледуваме документација која е релевантна од институции и лицата кои ги викаме како сведоци се токму од тие институции, така што не гледам ништо спорно, изјави Мизрахи вечерва во емисијата „10 минути“ на Телевизија 21. 

Очекува до 3 ноември да заврши сослушувањето на сведоците, по што во период од 30 дена, треба да се разгледа целата документација и заклучоците да се достават до Собранието. 

Од досегашното сослушување на сведоците, според Мизрахи, интересно е тоа што поранешниот и актуелниот министер за здравство Беким Сали и Фатмир Меџити во своите одговори посочиле дека доколку ова се случило во нивниот мандат, тие би презеле одговорност, но дека такво нешто не било кажано од страна на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, чии одговори најчесто биле „не знам“. За Мизрахи е чудно и тоа што Филипче не знаел за КАТО системот, а бил советник на министерот за здравство Никола Тодоров во времето кога е набавен овој систем. 

- Одговорот „не знам“ за мене е апсолутно неприфатлив и сметам дека господинот Венко Филипче,  можеби подоцна во текот на сослушувањата ќе биде уште еднаш повикан, согласно документацијата којашто ќе ја разгледуваме. Интересно е што од раководителите на ФЗО имавме убави солидни одговори, меѓутоа коишто не се поклопуваат во делот на контролната улога на ФЗО, истакна Мизрахи. бак/дма/

Фото: Принтскрин

 

 

Остани поврзан