• понеделник, 18 ноември 2024

За една недела Царината заплени златен накит, лекови, облека, цигари...

За една недела Царината заплени златен накит, лекови, облека, цигари...

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани златен накит, лекови, облека, електроинсталациони производи, цигари и фалсификати.

Како што соопштија денеска од Царинската управа запленети се 19 парчиња златен накит и еден златен рачен часовник, откриени при контрола на автобус со турски регистарски таблички кој сообраќал на редовна линија на релација Истанбул-Печ, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. При преглед на автобусот и багажот на патниците, во ранец на косовски државјанин, патник во автобусот, бил пронајден беџ за посета на саем за накит во Истанбул.

- При личен претрес на патникот, во џеб од неговите фармерки биле пронајдени 10 златни приврзоци со син камен, 1 прстен бело злато со бел камен, 1 златен прстен со виолетов камен, 2 златни прстени со зелен камен, 2 обетки од бело злато, 3 златни нараквици и 1 златен часовник марка GENEVE, а во неговиот паричник била пронајдена една златна монета. Истите се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка, соопштија од Царина.

Од лекови запленети се  56 пакетчиња DYSPORT 500 mg, 18 парчиња Оxymetholone, 150 инекции тестостерон TITANS и 50 таблети тестостерон ТITANS, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, на бензинска пумпа на регионалниот пат Скопје – Блаце, покрај паркиран автобус со турски регистарски таблички, било забележано лице како префрла производи од најлонска кеса во кутија од стиропор со мраз. При извршената контрола било утврдено дека се работи за 56 пакетчиња со лекови DYSPORT 500 mg, кои возачот, турски државјанин, имал намера да ги пренесе во Косово. Автобусот сообраќал на релација Истанбул – Призрен.

Во вториот случај, при контрола на такси возило, сопрено на влезот во Скопје кај клучката во Хиподром, биле откриени 18 парчиња Оxymetholone, 150 инекции тестостерон TITANS и 50 таблети тестостерон ТITANS. Како што стои во соопштението, лековите биле пронајдени во чанта сместена на задното седиште и во вреќа сместена на подот зад предните седишта.

Во двата случаи, лековите се привремено задржани а против возачите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Од облека се откриени женска бунда, 2 машки костуми, 2 женски чанти и 2 батерии за дрон, откриени при контрола на автобус со македонски регистарски таблички пријавен за влез во  државата на граничниот премин Табановце. Непријавените производи, кои имале ознаки на познати светски брендови и чија вредност е проценета на 3,9 милиони денари а избегнатите давачки изнесуваат 1,2 милиони денари, биле пронајдени во куфер сместен во тоалетот на автобусот.

- Возачот изјавил дека куферот го преземал како пратка од лице од Италија и не знаел што има внатре. Производите се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка, се појаснува во соопштението.

Потоа 197 парчиња женска облека, откриени се од страна на Службата за мобилни скенери при контрола на македонски автобус кој сообраќал на релација Белгија – Македонија, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. При скенирање на автобусот биле забележани неправилности во просторот за багаж, по што била извршена физичка контрола. Притоа, во една торба и неколку кеси биле пронајдени непријавените производи, со вредност од 147 илјади денари и избегнати давачки од околу 59 илјади денари. Истите се привремено задржаниа против возачот, македонски државјанин ќе биде поведена прекршочна постапка.

Други 156 парчиња женска и машка облека откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, со кое за влез во државата на граничниот премин Богродица, се пријавиле две возрасни и две малолетни лица, сите македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во црни вреќи сместени во багажникот и во просторот помеѓу предните и задните седишта, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Вредноста на производите е проценета на 70.600 денари, а избегнатите давачки инесуваат 27.268 денари.

Од електроинсталациони производи пронајдени се 691 електроинсталациони производи (светилки, конектори, приклучници и напојувања) и 3.971 метри кабел за електрични инсталации, откриени при контрола на стока од испраќач од Турција наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 3. Непријавената стока, која не била опфатена со царинските документи, е привремено задржана а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Царината пронашла и 16 штеки цигари, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. При извршениот преглед покрај пријавените три штеки цигари пронајдени се 12 штеки цигари PS и 4 штеки цигари WINSTON.

Непријавените цигари се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Од производи за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост откриени се 314 звучници и 9.000 светилки за патнички возила со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на стока со потекло од Кина сместена во јавен царински склад наменета за фирма увозник од Скопје. Производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права на интелектуална сопственост, и согласно законските прописи поведена е постапка за утврдување на нивната оригиналност. Вредноста на производите, доколку би се продавале како оригинални, е проценета на околу 2,2 милиони денари.

Пронајдени се и 30.000 запалки, 13.000 батерии и 1.440 пакувања жилети со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Дојран. Возилото било натоварено со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Косово.

Сомнителните производи, се вели во соопштението од Царинската управа, чија вредност доколку би се продавале како оригинални се проценува на околу 3,2 милиони денари, се привремено задржани, и согласно законските прописи започната е постапка за утврдување на нивната оригиналност. цр/аа/

Фото: Царинска управа

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан