• понеделник, 23 декември 2024

Зајкова: Отвореното и правилно толкување на Заклучоците на Европскиот совет - можен излез од евроинтегративниот ќор-сокак

Зајкова: Отвореното и правилно толкување на Заклучоците на Европскиот совет - можен излез од евроинтегративниот ќор-сокак

Скопје, 17 октомври 2024

Претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, смета дека постои можност за излез од евроинтегративниот ќор-сокак и повика за забрзување на процесот со заштита на националните интереси.

Никаде во Заклучоците за проширувањето на Р.С. Македонија и Албанија усвоени од Советот на ЕУ во 2022 година не стои дека уставните измени треба да стапат во сила веднаш, што остава простор за слободно толкување на точка 4 и точка 6 од истите, во насока која овозможува законодавецот од македонска страна да утврди во Уставниот закон кога истите ќе стапат во сила. Целата процедура може и треба да се смета завршена со самото усвојување на уставните измени и Уставниот закон, во кој ќе има преодна одредба, во која ќе стои дека ќе стапат на сила со денот на ратификувањето на Пристапниот договор на земјата во ЕУ од страна бугарското собрание или од парламентите на сите земји-членки на ЕУ.

„Доколку го читате она што Советот го усвоил како заклучоци никаде не стои англискиот термин “to enter in force” („да стапат во сила“) веднаш или пред отворањето на првиот преговарачки кластер. Во точка 4, јасно е наведено дека Македонија треба да започне со процесот и приоритетно да ги постигне соодветните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата, а кои се дел од други народи, како Бугарите“, вели претседателката на ЛДП, Зајкова.

Точката 6 пак предвидува дека за да се отворат пристапните преговори, Советот ќе свика уште една меѓувладина конференција, без натамошни одложувања, ниту дополнителна политичка одлука, штом земјата ја спроведе својата заложба за завршување на гореспоменатите уставни измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури (to complete the aforementioned constitutional changes, in line with its internal procedures), повторно никаде немаме “откако ќе стапат во сила”, бидејќи англискиот термин е “to enter in force”, а таков во овие заклучоци не е никаде експлицитно наведен.

Европската Унија е децидна дека Преговарачката рамка нема да претрпи измени, исто и Заклучоците на Советот на ЕУ, што беше потврдено и од германската министерка за надворешни работи.

Меѓутоа, додава Зајкова, јасно е и дека во заклучоците за проширувањето кои се усвоени од Советот оставен е простор за пошироко толкување и интерпретација, која ја дава можноста да деблокирање на процесот без да се изменуваат веќе усвоените Заклучоци или Преговарачката рамка. Потребна е двете страни да ги прифатат можностите кои ги нуди правото и дипломатијата и македонскиот процес на пристапување кон ЕУ да продолжи.

Ваква пракса веќе постои, вели Зајкова, истакнувајќи го случајот со Брегзит и Протоколот од Виндзор, кој може да послужи како пример за нашиот случај.

По Брегзит, односно повлекувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија, иако првичниот договор не е изменет, поради можноста за широко толкување или интерпретација, што не е невозможна во правото, потпишан е Протоколот од Виндзор, кој дополнително ги уредува односите помеѓу ЕУ, Северна Ирска и Обединетото Кралство по напуштањето на Европската Унија.

На прашањето за предлогот за суспензија на уставните измени на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, Зајкова изјави дека не е реален и правно издржан.

„Лично, не знам како е во медицината или во други области, но како правник одлично знам дека во правото и правната наука суспендирање на веќе дадени права не постои, а суспензивното дејство се споменува само по однос на правните лекови“, појаснува Зајкова и додава дека ЛДП ќе биде првата партија што ќе подаде рака на Владата за продолжување и интензивирање на евроинтегративниот процес.

Либерално-демократска партија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: ЛДП 

Остани поврзан