• четврток, 15 јануари 2026

Зајкова: Во новата година посакувам храброст, достоинство и правда за држава со вредности

Зајкова: Во новата година посакувам храброст, достоинство и правда за држава со вредности

31 декември 2025

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи на македонските граѓани во новата година им посака храброст, достоинство и правда, за да имаме држава со вредности, а не само со процедури, се наведува во соопштението од ЛДП, што МИА го пренесува интегрално.

„Драги пријатели, сограѓани, зад нас оставаме година во која корупцијата не беше само вест, туку сурова реалност која во Кочани чинеше животи. Гледавме како реформите стануваат козметика, а законите се менуваат побрзо од календарот. Додека институциите брзаа со ‘итни’ и ‘скратени’ постапки, вистинското подобрување на животот на граѓаните остана во чекалната.  Администрацијата е изгубена во хаос поради брзи неусогласени закони, судството во лажни ветувања, а довербата – е во колективна амнезија“, пишува Зајкова во својата објава.

„Во 2026 година, посакувам: храброст – да не се навикнуваме на ненормалното; достоинство – да не бидеме само бројка во нечиј експеримент и правда – која не се купува и не се договара во 5 до 12. Нека новата година не биде уште една ‘скратена постапка’. Заслужуваме држава со вредности, а не само со процедури“, додава Зајкова.

„Среќна и борбена Нова 2026 година! Да ве служи сите добро здравје, среќа и да… со Македонија да се гордееме на Светското првенство во фудбал“, завршува Зајкова во својата честитка до граѓаните.

 


Линк од Фејсбук објава: https://www.facebook.com/share/p/1Bybc9UiKB/ 

Остани поврзан