• сабота, 09 ноември 2024

Зајакнувањето на законската регулатива и личната одговорност клучни за справување со говорот на омраза

Зајакнувањето на законската регулатива и личната одговорност клучни за справување со говорот на омраза

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) – Зајакнување на законската регулатива, лична одговорност, информираност, практична примена и соодветни финансиски средства се дел од предизвиците за соочувањето со говорот на омраза кои беа дискутирани на отворањето на денешната конференција „Општество без омраза: заедничка заложба и заедничка цел“ на која беше промовирана Препораката на Комитетот на министри за борба против говорот на омраза.

Како што истакна заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, безбедната дистанца од која денес се коментира, од која се пласираат ставови и информации, од која се влегува во дискусија, а особено можноста анонимно да се влезе во јавниот дискурс, ја разорува базичната пристојност во односите меѓу луѓето, а тоа, според неа, значи отворено поле за ширење омраза, која го раскинува социјалното ткиво и ја руши довербата и солидарноста во општеството.

Грковска истакна дека регулативата за справување со феномените на ширење на говор на омраза е исклучително важна и таа мора да го следи развојот на настаните и да се адаптира на актуелниот контекст и потреби. 

- Советот на Европа и Европската унија години наназад сериозно ги третираат овие прашања и ги помагаат нашите институции и граѓанскиот сектор во напорите да се унапреди правната регулатива, како и следењето и анализирањето на состојбата со говорот на омраза во земјава. И денешниот настан е дел од тие напори и сметам дека препораката на Комитетот на министри за борба против говор на омраза, која сега ја имаме и во превод на македонски јазик и која ќе се презентира подоцна, ќе ги поттикне сите засегнати чинители засилено да се посветат на преземање мерки за нивно целосно спроведување, истакна таа.

Вицепремиерката ја подвлече личната одговорност, особено на оние кои имаат одредено влијание во средината, а тоа влијание го користат, па дури и го јакнат преку ширење омраза.

- Таквото однесување и таквата реторика на политичарите и јавните личности е катализатор за негативниот набој во општеството. Кога, на пример, имате ситуација со пратеник кој од собраниска говорница до јавноста испраќа порака со повик на насилство, тоа не е само евтин популизам за собирање поени, туку отворен повик за вршење кривични дела од омраза. А кога говорот на омраза се нормализира на ова ниво, не може да се очекува поинаков ефект во пошироката средина, смета таа.

Дополни дека ова прашање не се решава со една мерка или со еден закон и дека справувањето мора да биде континуирано и со вклученост за сите страни и со инкорпорирање на меѓународните практики и искуства. 

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова кажа дека мора да ја подвлечеме линијата каде влегувањето во забранетата зона би било врзано за дискриминацијата, нешто што е војувачко, бидејќи, како што рече, некогаш може да се војува со зборови.

- Никогаш не смееме да заборавиме на слободата на мислата и слободното изразување на мислата. Не смееме да заборавиме дека тоа е само членот 10 од Конвенцијата, туку дека тоа е фундаментот на најголем број други слободи, без тоа не може да има демократија, вели таа.

Според Силјановска Давкова, потребна е информирана маса на луѓе, бидејќи, според неа, неинформирани луѓе, најчесто, како што рече „избираат погрешни зборови“, како и правна рамка која ќе биде сеопфатна и ефикасна но и многу внимателна.

За Александро Албу, раководител на сектор, Делегација на ЕУ во Скопје, општество кое што е конкурентно, мирно и одговара на потребите на граѓаните е општество што ги штити човековите права.

Тој ги издвои родовиот идентитет, сексуалната ориентација, политичките прашања како основи на најголемиот дел од дискриминацијата.

- Овие предизвици мора да се решаваат холистички, со соодветни финансиски средства. Потребна е проактивност и преземање одговорност, не само во овој проект туку и потоа, во другите активности, рече тој. 

Раководител на Одделението за соработка и против говорот на омраза во Генералниот директорат за демократија, при Советот на Европа, Стефано Валенти, говореше за препораката при што рече дека во Северна Македонија постои нежна рамнотежа помеѓу различните малцинства и групи и затоа, како што рече, „сметам дека оваа порака е важна“.

- Препораката не е судска практика, дава насоки за независните тела за мониторинг како Европската Комисија а е донесена од 46 членки земји на Советот на Европа. Владата на Република Северна Македонија ја усвои, ја донесе оваа препорака како свој документ. Се работи за меко право кое што ќе стане законска рамка во рамките на судската практика, рече тој.

Според Валенти, оваа препорака мора да влезе во практичната примена и на судовите и на Владите. Тој дополни дека таа дава дефиниција за говорот на омраза која што е поврзана со сериозноста на говорот и смета дека кривичното право треба да биде последното средство кое треба да се примени во случај на говор на омраза.

Цел на конференцијата која има три панел дискусии е да поттикне дијалог меѓу различни актери во борба против говорот на омразата, како и да овозможи форум за дискусија за иницијативите што се досега преземени во согласност со Препораката, како и предлози за можни активности кои би оделе во насока на нејзиното спроведување.

Препораката на Комитетот на министри за борба против говорот на омраза е усвоена во мај 2022 во Торино. Меѓу останатото, Препораката ги повикува владите на земјите-членки да разработат сеопфатни стратегии за спречување и борба против говорот на омраза, вклучително и преку освојување делотворна законска рамка и спроведување внимателно калибрирани и пропорционални мерки. ар/ац/

Остани поврзан