• сабота, 23 ноември 2024

Зачувување на работните места и грижа за ранливите - приоритети во услови на Ковид-19

Зачувување на работните места и грижа за ранливите - приоритети во услови на Ковид-19
Скопје, 5 јануари 2021 (МИА) - Намалување на сиромаштијата, зачувување на работните места, поддршка на ранливите категории граѓани, заштита на правата на граѓаните, грижа за најмалите и највозрасните, на чија реализација работеше и минатата година, остануваат приоритети Министерството за труд и социјална политика и на државата за годинава, особено што здравствената криза предизвикана од КОВИД-19 во светски рамки, а со тоа и кај нас, ја разниша економијата, предизвика пропаѓање на бизниси, намалување на платите и приходите на граѓаните воопшто, отпуштања од работа… Во ковид-кризата, велат од МТСП, се поставени два приоритета - зачувување на секое работно место и грижа и поддршка на најранливите категории граѓани што полесно да ја пребродат кризата. Од Министерството потенцираат дека е создаден систем кој ги апсорбира семејствата во ризик, особено во моментот на криза, преку олеснет пристап до гарантирана минимална помош и образовен додаток. Бројот на семејства приматели на гарантирана минимална помош е зголемен за 5.500 во однос на февруари минатата година, а со измени на Законот за заштита на децата, создадени се услови околу 16 илјади деца да остварат право на образовен додаток. Се очекува, годинава во системот да влезат дополнителни 6000 корисници на гарантирана минимална помош.
Министерството учествуваше во подготовка на четвртиот пакет економнски мерки со кој беа опфатени 182 000 пензионери, 84 000 пасивни баратели на работа, 8226 приматели на социјална пензија и 5570 самохрани родители, со што вкупно беа опфатени 283 илјади граѓани. Министерството учествуваше и во донесувањето на претходните три мерки со кои исто така им се помогна на компаниите, вработените, невработените... И во време на пандемијата, се спроведуваа мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, некои и со 100-процентна реализација, како што е мерката за субвенционирање на плати, за самовработување, како и Младинската гаранција преку која се  вработиле шест илјади млади лица до 29 години. Мерки за вработување се планирани и за годинава. Експертите и граѓанските организаци се согласуваат дека иако ударот го трпат голем дел од луѓето и кризата ги осиромаши, дури и вработените лица, оти сепак најпогодени се оние кои живеат во сиромаштија или во ризик од сиромаштија, односно се дел од ранливите категории. Досега Владата донесе четири сета мерки, премиерот Зоран Заев за почетокот на годинава најави и петти сет мерки, со кои Владата се обидува да се справи со економките последици од кризата, но експертите и граѓанскиот сектор апелираат тука да не се застане, да продолжи да се следи состојбата и навремено да се преземаат нови мерки. Во сферата на заштита на правата на граѓаните, минатата година беше донесен Законот за спречување и заштита од дискриминација кој беше усвоен во Собранието, а со кој граѓаните добиваат заштита по сите дискриминаторски основи и комисија како професионално и независно тело. Огласот е завршен, останува на Собранието да го направи изборот на членовите на Комисијата. Собраниската Комисија за избори и именувања веќе почна со интервјуирање на новите членови. Законот е во речиси идентична форма во која беше усвоен во претходниот парламентарен состав, а беше укинат во мај од Уставниот суд поради донесувањето без потребното мнозинство од 61 пратеник. Собранието го донесе Законот во октомври. Тој треба да обезбеди принцип на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи. Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа. Во делот на заштита на човекови права, е и Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој е во собраниска процедура, и ги дефинира институциите кои се надлежни да преземат превентивни и итни мерки за заштита на жртвите. Експертите и невладиниот сектор се согласни дека овој Закон е чекор напред во заштитата и превенција од насилство врз жените и семејното насилство, но предупредуваат дека не е доволно овој закон само да биде донесен, туку и доследно да се применува и да се обезбедат средства за негово спроведување, за да не остане само на хартија. За да им се олесни животот на лицата со попреченост, границата за лична асистенција е спуштена од 18 на шест години. Забрзана е изградбата на градинките, отворени се три нови со вкупен капацитет за 416 деца, а во финална фаза се уште четири за двесте деца. За социјални услуги се потпишани договори со 17 оппштини. Услугата помош на стари лица и на лица со попреченост ќе им биде достапна во домот и во дневните центри. На овој начин, услугите се спуштаат на локално ниво и во рурални средини, а се зголемува и бројот на лица кои како даватели на услуги заработуваат за сопствена егзистенција. Лани продолжи и процесот за деинституционализација, склучени се договори за куќи во кои ќе бидат сместени корисници од Заводот во Демир Капија. Завршува и реконструкцијата на дневниот центар за лица од 6 до 26 години во Заводот за рехабилитација за деца и младинци во Скопје, а се реконструираат и се прошируваат дневни центри во други општини. Пандемијата со Ковид-19, додаде, лани беше предизвик и за функционирањето на детските градинки. Тие под посебни протоколи беа отворени на 9 септември и продолжија да работат до крајот на годината. И покрај пандемиата, се работеше на отворање и реконструкција на детски градинки. Од почетокот на мандатот на оваа Влада пуштени се во употреба шест, а за почетокот на месецов се планира пуштање на уште четири. Годинава се планира и со изградба на 15 нови детски градинки кои ќе опфатат 1.900 деца. Грижата за најмладите, како што посочуваат од ресорното Министерство, ќе продолжи со обезбедување квалитетни услови за ран детски развој, а со тоа и еднакви можност за сите деца. За годинава МТСП, меѓу другите, планира донесување на неколку закони - на Законот за работни односи кој е системски и треба да ги регулира прашањата од трудот, синдикалното организирање, како и на законската регулатива која ја дефинира недела како неработен ден. Завршена е и нацрт-верзија на Законот за родова еднаквост за унапредување на родовиот баланс во општеството во сите области. Славица Стефановска

Остани поврзан