Зачувување на биодиверзитетот и усогласување на законите дел од глaвните препоркаи за одржливи реки
- Зачувување на биодиверзитетот преку порибување, усогласување на македонските закони со европските и справување со дивоградбите и дивите депонии покрај река се дел од главните препораки од проектот „Младински активизам за одржливи реки: Заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“.
Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) - Зачувување на биодиверзитетот преку порибување, усогласување на македонските закони со европските и справување со дивоградбите и дивите депонии покрај река се дел од главните препораки од проектот „Младински активизам за одржливи реки: Заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“.
На денешната презентација на резултатите од проектот спроведен од Аналитика, заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска изјави дека оваа анализа е поттик и обврска во иднина повеќе да се посвети внимание на реката Треска.
- МЖСПП Секторот за води работи на течението на реката Вардар, речното корито, биодиверзитетот и хемиската анализа, земајќи ги предвид и притоките на реката Вардар, вклучувајќи ја и реката Треска. Оваа анализа ќе биде од исклучително значење и помош во идниот период на работата на Министерството во областа води, рече таа.
Најави дека 90 проценти е готов новиот Закон за води во којшто се прави усогласување со европската регулатива.
- Се надевам дека за многу брзо време ќе биде донесен овој закон и веќе и европската регулатива ќе ја имплементираме во нашето законодавство во областа води, дополни Лашкоска.
Во однос на контролирањето на овој процес, нагласи дека тоа го прави Инспекторатот за животна средина и просторно планирање, а дивите депонии, како што дополни, се обврска и на општините и на градот Скопје.
- Да се вклучат инспекторите на локално ниво, општинските инспектори, инспекторите на Градот Скопје, поинтензивно во заедничката борба против овие појави коишто ги имаме и уште еден апел навистина до сите граѓани и во Скопје и во државата заради тоа што само со заедничка борба, со заедничко залагање на сите можеме да се избориме и да дојдеме до здрава животна средина, па и до тоа да воздухот не е загаден до овој степен, посочи таа.
Главните цели на проектот се зачувување на природните ресурси, борба против загадувањето и заштита на водните екосистеми. Проектот промовира активно учество на младите и граѓаните во заштитата на реката Треска и нејзиниот биодиверзитет.
- Иницијативата за овој проект потекнува од актуелната еколошка криза во земјата. Сведоци сме дека според загадувањето на воздухот се наоѓаме на врвот на Европа, но и квалитетот на водите во езерата и реките е во континуиран пад. Со овој проект ги адресиравме овие предизвици, предизвикувајќи значителен граѓански и младински ангажман и формирајќи платформа која ќе овозможи заштита на природата и промовирање на одржливи политики, посочија од Аналитика.
Појаснија дека анализата претставува научен труд и содржи истражување на физичко-хемиските карактеристики на реката Треска, спроведени во лабораторијата за животна средина, централната лабораторија на МЖСПП, врз основа на која биле дадени препораки за креирање на подобри политики за зачувување на реките и природата.
- Генерално очекуваме дека главните препораки се фокусираат на тоа што да се внимава или да се продолжи со акции за зачувување на биодиверзитетот како што е нашата акција за порибување и да се усогласат нашите македонски закони со европските закони коишто исклучително би придонеле во иднина во зачувувањето на биодиверзитетот. Во препораките има и околу дивоградбите, дивите депонии, депонирањето на отпад не само покрај реката ,туку и во самата река. Тоа е една од првите наши активности која што беше документирано идентификување на депонии каде што забележавме голем број депонии, диви депонии коишто укажуваат на тоа дека граѓаните секаков тип на отпад депонираат покрај реката од домаќински, градежен шут, дополнија оттаму. ар/бак/
Фото: МИА