• сабота, 16 ноември 2024

Застанува речиси цела Германија поради масовниот штрајк на синдикатите

Застанува речиси цела Германија поради масовниот штрајк на синдикатите

Берлин, 27 март 2023 (МИА) - Во Германија денеска ќе се одржи најмасовниот штрајк во последните три децении, а лидерот на германскиот синдикат за услужни дејности „Верди“, Франк Вернеке, изјави дека штрајкот е прашање на опстанок на илјадници луѓе кои се борат за повисоки плати додека расте инфлацијата.

Според најавите на синдикатите, во Германија речиси се ќе запре, пренесува „Дојче Веле“.

Возовите нема да сообраќаат речиси воопшто, а од аеродромите ќе работи само Берлинскиот.

Градскиот превоз треба да запре во седум од 16-те провинции.

Штрајкот ќе остави милиони луѓе без редовен превоз, а патиштата најверојатно ќе бидат заглавени со автомобили.

Ваков предупредувачки штрајк свикаа двата главни синдикати, Синдикатот на железничарите и транспортни работници (ЕВГ) и Синдикатот на услужни дејности „Верди“.

Синдикатите бараат повисоки плати поради поскапувањата, како и подобри услови за работа за речиси 2,7 милиони вработени во јавниот сектор и транспортните дејности.

Од утре почнува новата рунда преговори.

„Верди“ бара зголемување од 10,5 отсто за јавните службеници, чии плати се еднакви на примањата на многу вработени на аеродромите или во јавниот превоз, но минималното зголемување да биде 500 евра месечно бруто.

Синдикатот ја одби понудата на работодавачот поскапувањето да биде пет проценти и да се изведе во два чекори, како и да се исплати еднократен износ од 2.500 евра.

На синдикатот ЕВГ слично му понудија и Германските железници и педесетина други железнички компании. ЕВГ го одбива ова, барајќи 12,5 отсто поголеми плати и најмалку 650 евра месечно.

Анкетата на агенцијата за истражување на јавното мислење YouGov покажува дека 55 отсто од граѓаните го поддржуваат штрајкот.

Синдикатите најавија дека штрајкот ќе трае еден ден и дека состојбата ќе се нормализира веќе утре.сд/

Остани поврзан