• понеделник, 14 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Засилување од Нигерија за ЖФК Љуботен, актуелниот првак со пет интернационалки во пролетниот дел од сезоната

Засилување од Нигерија за ЖФК Љуботен, актуелниот првак со пет интернационалки во пролетниот дел од сезоната

 

Тетово, 14 март 2025 (МИА) – Актуелниот македонски првак, женскиот фудбалски клуб Љуботен од Тетово, ги комплетираше сите странски засилувања за пролетниот дел од сезоната во домашното првенство со доаѓањето на нигериската фудбалерка Мариан Охадиве од редовите на латвиски РФС Вомен.

„Нигериска интернационалка е нашето најново и последно засилување, Мариан ни доаѓа од РФС Вомен Латвија, клуб со кој има настапи во Лигата на шампиони и со претходно искуство во турската Суперлига. Со Мариан добиваме уште поголема убоитост во нападот и со сигурност може да помогне како технички, тактички и агресивност на сите позиции. Подготвена е за предизвиците кои ни следат во претстојната полусезона и веднаш ќе му се стави на располагање на тренерот и тимот за претстојниот дерби натпревар, а се надеваме заедно до одбрана на титулата“, информираат од ЖФК Љуботен.

Тетовскиот клуб во последен момент успеа да го комплетира трансферот на Охадиве, бидејќи беше потребно повеќе време да се среди потребната документација и виза.

„ЖФК Љуботен изразува јавна благодарност до сите пријатели и оние кои помогнаа во овој процес, пратеници, вработени во МВР-Тетово оддел за странци, вработените во МНР, вработените во македонската Амбасада во Белград. Благодарност, исто така, до ЖФК Машинац Ниш, нашите пријатели кои ја угостија како прави домаќини додека траеше процесот за визата имате вистински пријател во Македонија“, порачаа од ЖФК Љуботен.

Покрај Нигеријката, актуелниот првак претходно се засили со црногорската фудбалерка Тања Малесија, која дојде од московски Динамо, хрватската интернационалка Лаура Фикет од полски Медик Конин-Полска, Русинката Екатерина Фролова, која претходно настапуваше за белоруски Зорка БДС, како и Американката Мариса Васкез од Сан Франциско Најтхокс.

ЖФК Љуботен в недела го пречекува тимот на Тиверија Брера во дерби натпреварот од 17 колото во Првата македонска женска фудбалска лига. Тиверија е лидер на табелата со бод повеќе од тетовската екипа, која изминатите три години освои исто толку шампионски титули, како и два трофеи во националниот Куп. ас/ег

фото ЖФК Љуботен

Остани поврзан