• среда, 25 декември 2024

Засилено полициско обезбедување околу црквата „Св. Спас“, пристап имаат само акредитираните делегации и новинари

Засилено полициско обезбедување околу црквата „Св. Спас“, пристап имаат само акредитираните делегации и новинари

Скопје, 4 февруари 2023 (МИА) - Засилено полициско обезбедување има околу црквата „Св. Спас“ и по целата должина на улиците кои водат до храмот, каде денеска на гробот на Гоце Делчев цвеќе треба да положат повеќе делегации по повод 151-годишнината од неговото раѓање. 

Полицијата ги контролира пристапите до црквата, а пристап имаат само акредитираните новинари кои поминуваат низ неколку безбедносни проверки. 

На гробот на Делчев во црквата „Св. Спас“ цвеќе ќе положат делегации на државните институции, партии и граѓански здруженија. 

Според најавите, почит пред гробот на Гоце Делчев ќе оддадат претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието, предводена од собранискиот потпретседател Горан Мисовски, придружуван од пратениците Снежана Калеска-Ванчева и Љупчо Пренџов.

МВР на Бугарија најави дека цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и бугарскиот вицепремиер задолжен за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и неговиот заменик Венцислав Катинов.

Уште од четвртокот од 18 часот за сообраќај беше затворена улицата „Самоилова“, на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со улица „Прохор Пчински“, а денеска посебен режим ќе биде воведен и на улицата „Лазар Личеноски“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неколку наврати изминатите денови изјави дека полицијата има капацитет да овозможи достоинствено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. бак/

 

 

 

 

Остани поврзан