Започна реконструкцијата на улицата „Индустриска“ во Делчево со инвестиција од над 20 милиони денари
- Главната сообраќајница ќе добие нов урбан лик и поголема безбедност за граѓаните.
Делчево, 3 февруари 2026 (МИА) - Во Делчево денеска започнаа градежните работи за реконструкција на улицата „Индустриска“, каде се инвестираат над 20 милиони денари обезбедени од Владата. Градоначалникот Иван Гоцевски кој изврши увид во работите истакна дека со овие градежни зафати се решава еден од најголемите инфраструктурни предизвици во градот.
-Со овие градежни зафати комплетно решаваме еден од најголемите предизвици во изминатиот период. Оваа една од најфреквентните улици во градот, која го поврзува индустрискиот дел, градскиот пазар и населбите Расадник и Трети Реон, ќе добие нов урбан лик и ќе прерасне во современа сообраќајница која ќе даде поголема безбедност во сообраќајот за сите учесници, рече Гоцевски.
Реконструкцијата опфаќа улица во должина од 500 метри, од мостот на реката Брегалница до клучката на транзитниот булевар „Македонија“.
-Работите ги изведува фирмата „Стојменов“ од Кочани, а опфатот вклучува комплетна реконструкција на коловозот со ширина од 6 метри, поставување нов асфалт, замена на долниот строј и реконструкција на тротоарите. Вредноста на реконструкцијата е 11,9 милиони денари со ДДВ, средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски, информира Гоцевски.
Претходно, на улицата беше завршено поставувањето на атмосферската канализација, која е дел од проектот за изградба на канализација во Централното градско подрачје во должина од над 1.000 метри и ги опфаќа улиците „Индустриска“ и „Еден“.
-Со овој проект конечно се решава еден од најголемите инфраструктурни предизвици во овој дел на градот. Новата канализациска мрежа во голема мера ќе ги зафаќа и атмосферските води од населбата Милково Брдо, а со тоа ставаме крај на деценискиот проблем со поплавите, подвлече Гоцевски.
Вредноста на изградбата на канализацијата изнесува 8,4 милиони денари со ДДВ, а изведувач на работите беше фирмата ВОД-ВАР Инженеринг. Проектот е поддржан од Владата преку Министерството за животна средина и има за цел да обезбеди современи услови и безбедна урбана средина за граѓаните. вс/
Фото: МИА