• четврток, 26 декември 2024

Започна проширувањето и реконструкцијата на дел од булеварот „Борис Трајковски“

Започна проширувањето и реконструкцијата на дел од булеварот „Борис Трајковски“
Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) - Започна проширувањето и реконструкцијата на булеварот „Борис Трајковски“, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова Река пред Драчево. На овој потег со вкупна должина од 2.325 метри предвидено е да се изврши целосна замена на стариот асфалт со нов, проширување од две на четири коловозни ленти, изградба на пешачки патеки од двете страни на булеварот, како и велосипедска патека од едната страна. Додека пак, крстосницата пред мостот кај Драчево треба да биде заменета со кружен тек со дијаметар од 20 метри. - Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон кој гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изработката на оваа делница и тоа како ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително, на булеварот „Борис Трајковски“, на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова канализациска мрежа – и атмосферска и фекална. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите. изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Тој додаде дека во текот на оваа градежна сезона ќе се градат или реконструираат 11 градски сообраќајници, во неколку скопски општини, и повика на трпение кај граѓаните. - Ова всушност е почеток на летната градежна офанзива на Град Скопје, па ги замолувам граѓаните да имаат трпение додека се вршат реконструкциите. Ќе бидеме брзи како и секоја година, што всушност стана препознатливост на оваа градска администрација и моја, како градоначалник. Да ги почитуваме сообраќајните режими бидејќи новата и квалитетна инфраструктура е гаранција дека Скопје чекор по чекор станува една поинаква приказна, дека Скопје чекор по чекор заличува на европска метропола, нагласи Шилегов. На почетокот на градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот „Борис Трајковски“, присуствуваа и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева. Како што информира градоначалникот градежните работи ќе чинат 212 милиони денари без ДДВ, средства кои се предвидени во Буџетот на Градот Скопје. свс/сп/

Остани поврзан