• вторник, 26 ноември 2024

Започна пријавувањето за избор на најдобрите е-трговци за 2023

Започна пријавувањето за избор на најдобрите е-трговци за 2023

Скопје, 19 декември 2023 (МИА) - Македонските е-трговци и оваа година ќе се натпреваруваат на изборот на најдобрите е-трговци за 2023 година „E-commerce Awards 2023“, кој Асоцијацијата за е-трговија на Македонија го организира традиционално, трета година по ред. Покрај препознавање на успешната работа на е-трговците, целта на овој избор е поттикнување и унапредување на растот и развојот на македонската е-трговија во целина.

На изборот, како што соопшти Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, ќе се одбираат најдобрите домашни е-трговци за 2023 година, кои ќе се натпреваруваат во 24 категории поделени во три секции: „Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање“, „Најдобри е-продавници по сектори“ и „Шампиони во е-трговија“. Дел од категориите за кои што можат да се номинираат е-трговците се: „Најпопуларна е-продавница“, „Е-продавница за облека, обувки и модни додатоци“, „Е-трговец со најдобра грижа за корисници“, „Најдобра достава во е-трговија“, а главната награда е резервирана за категоријата „Е-трговец на годината“.

-Организацијата на Ecommerce Awards ни претставува посебно задоволство во Асоцијацијата за е-трговија. После напорната работа и бројни надминати предизвици во годината, убаво е кога новата година ќе се почне со признанија кои претставуваат мотивација за уште поуспешна година и подобра работа. Изборот на најдобрите во македонската е-трговија, се стреми да ги препознае најдобрите и поттикне како зголемување на понудата во е-трговија, така и унапредување на работата на постојните е-трговци. Бидејќи на крајот на денот, тие се тие кои го менуваат пазарот, кои поставуаат нови стандарди и кои ги менуваат навиките и учествуваат целокупно во унапредување на е-трговијата како важна гранка на дигиталната економија, истакна Нина Ангеловска, претседател на АЕТМ.

Процесот на избирање на најдобрите се прави во пет фази, а започнува со прибирање на пријави и номинации на е-трговци. Номинирањето и пријавувањето на е-трговците е бесплатно и во тек до 10 јануари 2024 година, до 23:59 часот преку официјалната веб страница на наградите – www.ecommerceawards.mk.

По номинирањето следува проверка на апликациите и објава на номинираните компании. За номинираните компании кои ќе бидат јавно објавени на официјалната веб страница ecommerceawards.mk ќе може да се гласа електронски, согласно утврдената методологија за гласање и прогласување на победниците, која е јавно објавена во рамки на Правилникот за наградите за е-трговија. Свечениот настан за доделување на наградите на најдобрите македонски е-трговци за 2023 година ќе се оддржи на крајот од месец февруари 2024.

На минатогодишниот избор за најдобрите во е-трговијата беа пријавени над 150 домашни е-трговци и беа собрани над 93.390 гласови од 6.584 гласачи од јавноста, а беа доделени вкупно 39 награди во 23 категории.

Повеќе детали за натпреварот може да погледнете на официјалната веб страница: https://ecommerceawards.mk/. 

дма/ац/

Фото: Асоцијацијата за е-трговија на Македонија

Остани поврзан