• понеделник, 16 декември 2024

Започна меѓународниот фолклорен фестивал „Рудина фест“

Започна меѓународниот фолклорен фестивал „Рудина фест“
Гостивар, 21 јули 2022 (МИА) - По настапите на повеќе фолклорни групи и ансамбли од земјава и странство на плоштадот во гостиварското село Чегране, вечерва продолжува четиридневната ревија на Меѓународниот фолклорен фестивал „Рудина фест“. На второто издание на манифестацијата, предвидено е настапите на фолклористите да ги видат и жителите на селата Форино, Чајле, а на финалната вечер во сабота да има ревија во Гостивар. Едно од најголемите села во Гостиварската општина од вчера е домаќин на близу четири стотини учесници. Организатор на „Рудина фест“ е КУД „Јахи Хасани“ од Чегране кои ги обезбедија настапите на 15 ансамбли од девет земји. Благица Илиќ, етнокореолог, во оценката за квалитетот на Фестивалот напомена дека и покрај што оваа манифестација се одржува по втор пат, организаторите ги овозможиле бараните предуслови. - Од професионален кореолошки аспект, фестивалот како да има традиција од 20 години. Запазени се и традиционалните, но и современите норми во работата. Имавме прекрасна можности да видиме и слушаме традиционален фолклор на Молдавија, Чиле, Македонија, Косово, па некои архаични песни, што во моментов ретко се среќава на фестивалите, рече Илиќ. Покрај домаќините, КУД „Јахи Хасани“, годинава настапуваат и фолклорната група „Ballet Folclórico Pucón BAFPU“ од Чиле, ансамблите „Романита“ од Романија, „Хемус“ од Бугарија, „Ругова“ од Косово, КУД „Дечиќ“ од Тузи, Црна Гора, „Китка“ од Истибања. Ансамблот „Полисијаночка“ од Украина, не допатува на фестивалот, па нивниот настап беше емитуван онлајн од Украина. Фолклорниот фестивал „Рудина фест“ финансиски е поддржан од Министерството за култура, општините Гостивар и Теарце и повеќе компании. Сместувањето на учесниците го обезбеди Универзитетот на Југо-источна Европа (УЈИЕ) во студентскиот дом во Тетово. згм/мс/

Остани поврзан