• недела, 01 февруари 2026

Започна Венецијанскиот карневал инспириран од Зимските олимписки игри

Започна Венецијанскиот карневал инспириран од Зимските олимписки игри

Венеција, 31 јануари 2026 (МИА) - Венецијанскиот карневал започна денеска под мотото инспирирано од Зимските олимписки игри 2026 година, славејќи ги „универзалните теми на играта и предизвикот“.

Годинешното издание, под наслов „Олимп – потеклото на играта“, се одржува паралелно со подготовките за Зимските олимписки игри во северна Италија, кои започнуваат в петок.

Официјални домаќини на Игрите се Милано и Кортина д’Ампецо, но дел од натпреварите ќе се одржат и во регионот Венето, чиј главен град е Венеција.
Се очекува десетици илјади посетители од целиот свет да присуствуваат на карневалот, кој ќе трае до 17 февруари.

Програмата вклучува раскошни маскенбали и паради со гондоли по венецијанските канали, а голем дел од учесниците носат традиционални венецијански маски.
Денеска, маскирани учесници и туристи можеа да се видат низ уличките околу плоштадот Свети Марко.

Венецијанскиот карневал потекнува од Средниот век. Иако традицијата била прекината во одреден период, таа подоцна била обновена и денес претставува еден од најважните туристички настани во градот.

Минатогодишното издание, под мотото „Во времето на Казанова“, беше посветено на 300-годишнината од раѓањето на прочуениот заводник и една од најпознатите личности од Венеција.

Зимските олимписки игри ќе продолжат неколку дена по завршувањето на карневалот, до 22 февруари. ссм/

фото:  Икс профил на Венецијански карневал

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан