• вторник, 24 декември 2024

Започнаа бесплатните гинеколошки прегледи во Делчево

Започнаа бесплатните гинеколошки прегледи во Делчево
Делчево, 6 мај 2022 (МИА) - Започна со работа мобилната амбуланта во која се нудат бесплатни гинеколошки прегледи за жените од населените места од Делчевско. Иако првично мобилната амбуланта требаше да биде поставена во дворот на Здравствениот дом во Делчево, поради технички причини, како што информираше организациониот секретар на Црвен крст Делчево, Ивана Ангеловски, е преместена во кругот на Здружението на пензионери каде се вршат прегледите. - Прегледите се најдобра заштита од рак на грлото на матката, а ги вршат гинеколози од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и повеќе болници во државата. Со работата на мобилната амбуланта треба да се зголеми бројот на жени од ранливите групи и од руралните и оддалечените места кои ќе направат бесплатни гинеколошки прегледи  и да се подигне свеста за важноста од редовни скрининзи, рече Ангеловски. За дел од жените кои ја посетија мобилната амбуланта ваквите прегледи треба да бидат достапни најмалку еднаш годишно. - Мислам дека е добра оваа идеја да има прегледи кои треба да ги има еднаш годишно или на секои шест месеци. За прегледите ме информираше претседателката на здружението на пензионери, се пријавив и еве денеска сум повикана на преглед, вели повозрасна жителка на Делчево. Работата на мобилните амбуланти е овозможена со поддршка на Министерството за здравство, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари –МАГО, Македонското лекарско друштво, Црвениот крст и  УНФПА – Фондот за население на Обединетите нации. За бесплатен ПАП тест заинтересираните можат да се пријават на телефонските броеви +389 33 412 010 и +389 70 254 650, а термините за преглед се секој работен ден со почеток од 9 и 30 часот.  вс/цр

Остани поврзан