• вторник, 24 декември 2024

Заменик министерот за правда Нухиу на Министерски форум ЕУ-Западен Балкан во Тирана

Заменик министерот за правда Нухиу на Министерски форум ЕУ-Западен Балкан во Тирана
Скопје, 4 ноември 2022 (МИА) - Владеењето на правото, како една од основните вредности на кои се темели Европската Унија и посветеноста на Министерството за правда за реформите во правосудниот систем, беа главни теми на кои се осврна заменик министерот за правда Агим Нухиу во обраќањето на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за внатрешни работи и за правда, што се одржа во Тирана. - Воведувањето и зајакнувањето на мерливи критериуми за избор и унапредување за судиите и јавните обвинители, односно за членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители дадоа резултати во насока на зајакнување на квалитетот во судовите и јавните обвинителства. Дополнително, донесените нови законски и подзаконски акти, кои овозможија реално оценување и евалуација на работата на судиите, преку оценување на сложеноста на предметите по кои постапувале и други параметри, со што квалитетот беше подигнат на повисоко ниво во однос на квантитетот, изјави Нухиу. Тој, како што соопшти Министерството за правда, се осврна и на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за 2017-2022 година со Акциски план 2017-2022, како и на Предлог -законот за Академијата за судии и јавни обвинители, кој се наоѓа во собраниска процедура. Како што се наведува во соопштението, Нухиу ја нагласи и значајната улога на Советот за ИКТ во правосудството и процесот на дигитализација, кој за време на Ковид-19 кризата се покажал како неопходност доколку сакаме непречено спроведување на правото и постапките во разумен рок. Заменик министерот за правда ги потенцира и активностите за  изготвување на новиот Кривичен законик, нагласувајќи дека во тој процес земјава има широка поддршка од меѓународните организации, а посебно од ОБСЕ. - Клучните прашања кои се разгледуваат во рамките на новиот Кривичен законик се поврзани со имплементацијата на најновите меѓународни стандарди во оваа област и тоа посебно во областите на тероризмот, финансиските измами и имплементацијата на стандардите содржани во Истанбулската конвенција, посочи Нухиу на Министерскиот форум во Тирана. На маргините на форумот, заменик министерот за правда оствари и билатерална средба со еврокомесарот за судство и борба против корупција Дидие Рејндерс. цр/сп/

Остани поврзан