• сабота, 23 ноември 2024

Заменик - министерот Доко на панел-дискусија „Важноста и улогата на Охридскиот рамковен договор на патот кон ЕУ и спроведувањето во однос на помалку бројните заедници“

Заменик - министерот Доко на панел-дискусија „Важноста и улогата на Охридскиот рамковен договор на патот кон ЕУ и спроведувањето во однос на помалку бројните заедници“

Скопје, 29 мај 2023 (МИА) - Заменик - министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Џабир Доко учествувал на панел-дискусија на тема „Важноста и улогата на Охридскиот рамковен договор на патот кон ЕУ и спроведувањето во однос на помалку бројните заедници“ организирана од здружението за млади, демократија и човекови права УФУК-Скопје.

Доко во своето излагање истакнал дека Охридскиот Рамковен договор претставува одличен пример за тоа како една длабока криза со успешно менаџирање може да резултира со мир и стабилност.

-Во најтешките околности, како резултат на мудри и државнички одлуки денес Република Северна Македонија излегува од тој негативен балкански стереотип и веќе служиме за позитивен пример не само во регионот, туку и пошироко, истакна Доко, додавајќи дека денес иако во голема мера нормативниот дел на ОРД е реализиран, сепак особено важно е духот на овој договор да продолжи да живее и да се применува во согласност со контекстот во кој живееме.  ОРД несомнено ги унапреди правата на сите немнозински заедници и за поздравување е тоа што бројката на институционалната застапеност на етничките заедници е во пораст, но и натаму најголем хендикеп е тоа што помалкубројните заедници се недоволно претставени во законодавниот дом, рекол Доко и додал дека очекува со конкретни чекори да се најде соодветно решение за овој недостаток.

Како што денеска соопштија од Кабинет на заменик министер во МПСОЗ, Доко исто така се осврнал и на евроинтеграцискиот процес, упатувајќи апел да не се шири евроскептицизам, само поради политички популизам и лични интереси, додавајќи дека полноправното членство во ЕУ ќе значи и промоција и унапредување на културните вредности на сите етнички заедници во Северна Македонија.

На панел дискусијата, се наведува во соопштението, учествувале и вицепремиерот задолжен на европски прашања Бојан Маричиќ, пратеничката Санела Шкријељ, претседателот на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија Исмет Рамадани и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар
Бајдевски. цр/лв/

Фото:  МПСОЗ

Остани поврзан