Заменик-министерката за европски прашања Трајков во работна посета на општина Илинден
- Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска во работна посета на општина Илинден разговарала со градоначалникот Александар Георгиевски за потребите и капацитетите на општината за поголемо искористување на средства од ЕУ-фондовите со цел реализација на проекти од интерес за граѓаните.
Скопје, 2 јуни 2025 (МИА) - Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска во работна посета на општина Илинден разговарала со градоначалникот Александар Георгиевски за потребите и капацитетите на општината за поголемо искористување на средства од ЕУ-фондовите со цел реализација на проекти од интерес за граѓаните.
-На средбата беа разменети мислења во однос на можностите преку поддршката од ИПА и ИПАРД програмите, при што заменик-министерката Трајков нагласи дека Министерството за европски прашања е отворено за помош на општината и дообучување на кадарот за поголема искористеност на средствата од европските фондови. Притоа истакна дека европските фондови ќе помогнат во развојот на општината и ќе го подобрат животот на граѓаните во општината Илинден, соопшти МЕП.
Градоначалникот на Илинден, Георгиевски, ја поздравил помошта на Министерството за европски прашања, „додавајќи дека институционалниот капацитет на општините е секогаш пресуден за успех и затоа смета дека ваквите напори треба да се зајакнат во следниот период“.

-На средбата беа прецизирани и следните чекори насочени кон подобрување на капацитетите на општината за поголемо искористување на средствата од европските фондови кои се на располагање, се наведува во соопштението.
Заменик-министерката Трајков заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Илија Стоилев остварила средба и со менаџментот на компанијата „ДПП Тосама трејд ДОО“ која е корисник на ИПАРД-мерката „Диверзификација на фармите и развој на бизнисите“.
Како што наведува МЕП, преку оваа мерка компанијата е поддржана со средства во износ од 21,7 милиони денари што и помогнало за набавка на комора за стерилизација со која е модернизиран работниот процес.
-Заменик-министерката за европски прашања, Трајков, на средбата нагласи дека европските фондови се од голема важност за македонската економија бидејќи, како во конкретниот случај помагаат и во развојот на компаниите, но и ги стимулираат бизнисите раководени од жени. Средбата на општина Илинден е дел од серијата средби кои Трајков ги остварува со цел поголема промоција на европските фондови и нивна поголема искористеност во општините, соопшти МЕП. хс/дма/
Фото: Министерство за европски прашања