• вторник, 24 декември 2024

Законот за забрана на нефер трговски практики помина на Законодавно-правната комисија

Законот за забрана на нефер трговски практики помина на Законодавно-правната комисија

Скопје, 6 март 2024 (МИА) - Членовите на собраниската Законодавно-правна комисија денеска дадоа поддршка за Предлог законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, по скратена постапка, откако вчера ова законско решение помина и во Комисијата за европски прашања. Потоа пратениците треба да расправаат за него на пленарна седница.

Министерот за економија Крешник Бектеши очекува законот да биде на пленарна седница на 11. или 13. месецов и да биде изгласан, по што по објавата во Службен весник ќе се отвори јавна расправа. Бектеши уверува дека ќе нема енормно зголемување на цените на производите во периодот додека да стартува целосната примена на законот, а  особено на производите за кои до крајот на минатиот месец имаше гарантирани цени. Од над 2500 производи кои ќе бидат опфатени со законот, 70 до 80 проценти се земјоделски и прехранбени производи што се на пазарот во државава, а листата, најави Бектеши, ќе се проширува ако има барања. 

Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, со донесувањето на Предлог законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Со Предлог-законот, како што се посочува во образложението, се обезбедува начинот за поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.

-За таа цел, Комисијата е должна сите нејзини акти да ги усогласи со одредбите на овој предлог и да обезбеди потребни ресурси на технички, технолошки и квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите во предлог-законот, во рок од шест месеци од денот на негово влегување во сила. Предлог на Законот има за цел да ја регулира постапката за изведување докази и прекршочната постапка, да утврди висината на глобата за сторен прекршок и решенијата кои Комисијата ги донесува, за одлучување по прекршок, се вели во образложението на Предлог-законот.

Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи. Министерството за економија токму поради тоа не ја продолжи одлуката за гарантирани цени која важеше до 29 февруари. 

Голем број прехранбени производи со ознаката „гарантирана цена“ од 20 септември лани се продаваа во маркетите по цена за 10 проценти пониска од износот на 1 август 2023 година, согласно одлуката на Министерството за економија, чија важност заврши на 1 март. фф/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан