• среда, 27 ноември 2024

Заев: Создаваме услови за уште поголеми спортски успеси на кои сите ќе се радуваме

Заев: Создаваме услови за уште поголеми спортски успеси на кои сите ќе се радуваме
Скопје, 20 март 2021 (МИА)  - Премиерот Зоран Заев на неговиот фб профил потсети дека на денешен ден во 1992 година е основан Македонскиот олимписки комитет како 195ти член на Меѓународниот олимписки комитет. -Само шест месеци по прогласувањето на независноста на нашата држава, на денешен ден 20 март 1992 година, е основан Македонскиот олимписки комитет (МОК), како 195ти член на Меѓународниот олимписки комитет. Во историјата на спортскиот олимпизам остануваат запишани имињата на македонските спортисти кои освоиле медали на олимписките игри: Златни медали за Благоја Видиниќ - Рим 1960 (фудбал, голман) и Шабан Трстена - Лос Анџелес 1984 (борење); сребрени Медали за Благоја Видиниќ - Мелбурн 1956 (фудбал, голман), Благоја Георгиевски - Монтреал 1976 (кошарка), Реџеп Реџеповски - Лос Анџелес 1984 (бокс), Шабан Трстена - Сеул 1988 (борење), Стојна Вангеловска - Сеул 1988 (кошарка), и бронзени Медали за Аце Русевски - Монтреал 1976 (бокс), Шабан Сеиди - Москва 1980 (борење), Шабан Сеиди - Лос Анџелес 1984 (борење), Милко Ѓуровски - Лос Анџелес 1984 (фудбал) и Могамед Ибрагимов - Сиднеј 2000 (борење), стои на фб статусот на Заев.
Овие врвни спортски имиња, додава премиерот, засекогаш ќе бидат инспирација за сите идни генерации кои во името на олимписките спортски вредности учествуваат и ќе учествуваат во натпреварите на спортските арени, со цел да се стремат кон остварување на олимпиското мото: Побрзо, посилно, повисоко. -Владата има непоколеблива мотивација за силна поддршка на спортот за континуирано обезбедување услови за квалитетни спортски можности и за партнерска соработка со сите релевантни 30 олимписки федерации под закрилата на Олимписки комитет на Северна Македонија (ОКСМ). Со рестартот на економијата во пост-ковид периодот, со поддршка и континуираната афирмација на олимпизмот и со нулта партизација во спортот, ќе ја оствариме целта, износот на финансиски средства од спортските ваучери да порасне до 15 милиони евра до крајот на мандатот на оваа Влада. Создаваме услови за уште поголеми спортски успеси на кои сите ќе се радуваме, на секоја нова победа, на секој нов спортски успех, како придонес за развој на врвниот спорт, за спроведување на акции против секаков облик на дискриминација и насилство за време на спортските настани, и за грижa за здравјето на спортистите, преку почитување на медицинскиот код на Меѓународниот олимписки комитет, се наведува на фејсбук статусот на премиерот Зоран Заев. вг/

Остани поврзан