• сабота, 23 ноември 2024

Заев: Претседателот Киро Глигоров беше „историја што чекори“

Заев: Претседателот Киро Глигоров беше „историја што чекори“
Скопје, 1 јануари 2021 (МИА) - Со денешното одбележување на годишнината од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, влегуваме во годината во која ќе го одбележиме историскиот настан – 30 години од референдумот за независност и 30 години самостојна државност, напиша денеска на својот Фејсбук профил, премиерот Зоран Заев.
-За време на неговиот живот и за време на извршување на највисоката државничка функција, претседателот Киро Глигоров беше „историја што чекори“. Како жив споменик на цела епоха, тој поврза два историски настани за конечно дефинирање на македонска државност - АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991 година, нагласи Заев.
Премиерот напомена дека Глигоров ставил силен личен печат на спроведување на референдумот за независност, на донесувањето на новиот Устав на независната македонска држава и беше во првите редови на битката за демократска преобразба и внатрешна консолидација на земјата и нејзина меѓународна афирмација.
-Со државнички способности, мудрост и дипломатски такт, учествуваше активно во најважните процеси на надворешната политика и успешно ги релаксираше меѓуетничките односи. Претседателот Глигоров е меѓу најзаслужните што Република Македонија беше единствена држава од поранешна СФРЈ која ја испрати ЈНА со потпишан договор, без ниеден испукан куршум и жртва, нагласи Заев.
Додаде дека исклучително тешка ситуација Глигоров успеал Македонија да не биде оставена на ветрометината на тогашните закани и да стане членка на ООН, со што се отворил институционалниот пат нашата држава да ги остварува стратешките цели – членството во НАТО и отворениот процес за членство во ЕУ.
-Сеќавањето и почитта за неговото дело им останува на сегашната и на сите идни генерации. Вечна му слава!, напиша Заев во својата објава на Фејсбук. ац/

Остани поврзан