• понеделник, 23 декември 2024

Заев: По 17 години конечно имаме голем исчекор - почнуваме преговори со ЕУ

Заев: По 17 години конечно имаме голем исчекор - почнуваме преговори со ЕУ
Скопје, 16 јули 2022 (МИА) - На овој важен ден сакам да им честитам на граѓаните на Република Северна Македонија. После 17 години конечно имаме голем исчекор – почнуваме преговори со ЕУ. Особено сакам да му честитам на македонскиот народ – влегуваме во ЕУ како Македонци, со заштитен македонски идентитет и многу важно, со нашиот македонски јазик, објави вечерва на Фејсбук, поранешниот премиер Зоран Заев.
-Благодарност испраќам до сите македонски пратеници, политичари и граѓани и во Северна Македонија и во Бугарија, кои се издигнаа над поделбите и го поддржаа ова решение за кое сум убеден дека овозможува обнова на пријателството и напредокот.
Благодарност до Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ, Османи, Ахмети и целата наша владина коалиција и особено до македонските пратеници кои гласаа за европската иднина. Благодарност и до ГЕРБ на Бојко Борисов како и до Мустафа Карадаи претседател на ДПС либералната партија од која доаѓа и Илхан Ќучук, кои заедно со пратениците на ПП партијата на Петков и ДБ партијата на Христо Иванов ја видоа оваа можност за заеднички исчекор, нагласи тој.
Изрази благодарност и до сите етнички заедници „во нашата татковина кои повторно застанаа рамо до рамо со братскиот македонски народ“.
-Сакам да ги охрабрам граѓаните да продолжиме по овој пат. Има уште многу работа, но конечно се придвижуваме и отвораме нови европски процеси. Ги разбирам оние граѓани кои се лути и загрижени од економските и безбедносните состојби – стабилноста, инфлацијата, растечките цени. Тие се фокусирани на обезбедување стабилност за себе и за своите семејства. Тие се разочарани од мачниот пат кон ЕУ и долгата серија неуспешни обиди да почнеме преговори, за што со право се лутат и на ЕУ, но и на политичарите од Република Бугарија поради неочекуваниот застој кој ни го приредија. Но треба да се знае дека не е работа на граѓаните да внимаваат на можни стапици во документите – тоа е работа на лидерите и политичарите, напиша Заев.
Тој додаде дека Владата и Парламентот се должни да знаат сѐ и да носат исправни одлуки и за државата и за народот.
-Јас сум убеден дека одлуката да се поддржи овој предлог ја обезбедува европската иднина и го гарантира македонскиот идентитет во ЕУ. Подобра иднина од иднината во која сме членка на ЕУ не постои. Тоа го знаеме сите. За вакви прашања не смее да се калкулира со рејтинг. Политичарите доаѓаат и заминуваат. Важно е државата и народот да одат напред кон извесна иднина. Покрај сé, Владата треба да биде државотворна и никако поинаку. Одлуките мора да се донесат затоа што само тоа е исправно, истакна Заев.
Во однос на опозицијата изрази жалење, што, како што рече, „сето ова само го користеа за да се догребат до власт, но за сметка на тоа не направија ни еден чекор да им помогнат на народот и државата“.
-Затоа се и ќе бидат уште долго во опозиција. Затоа, спомнете си – за Охридскиот договор, некои велеа ќе сме се поалбанчеле, за територијалната организација ќе сме се федерализирале, за Преспа ќе сме го изгубиле идентитетот. Тоа го велеа оние кои немаат визија за иднината. Ние секогаш велевме – ова е патот кон иднината. Еве сега времето е најдобар судија – нека се сетат граѓаните кој беше во право. Така и сега – тие што грешеа на секоја раскрсница, грешат и сега, напиша Заев на Фејсбук. ац/

Остани поврзан