• петок, 08 ноември 2024

Заев од Центар повика на обединување за бројот 12 и поддршка на Шилегов и Герасимовски

Заев од Центар повика на обединување за бројот 12 и поддршка на Шилегов и Герасимовски
Скопје, 29 октомври 2021 (МИА) -  Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на повеќе маалски средби со граѓаните на општина Центар повика на обединување за бројот 12  - за поддршка на Петре Шилегов за Скопје и на Горан Герасимовски за Центар.
- Важно е секое маало, важна е секоја педа од Скопје да продолжи да се развива модернистички, а не со барок, споменици, не со шмизли, не со музеи секакви. Важно е да се развива за граѓаните, за младите луѓе да ни останат тука, тука да работат.  Затоа Скопје ќе продолжи по патот по којшто тргна. А овојпат, јас сум убеден дека ќе победиме овде, во Центар, со повеќе од 5000 гласа и за вашиот иден градоначалник Горан Герасимовски, и за Петре Шилегов, рече Заев.
Нагласи дека кандидатите се добри луѓе, кои се добро упатени, добро поврзани и со централната власт и  ги знаат во детали сите проблеми.
-Имаат големи дела зад себе, еве ова навистина големо здание ја дига материјалната вредност на имотот на цело Крњево, на сите жители кои се овде, го менува животот, го европеизира животот и тоа е само најголемиот доказ колку сме ние поразлични од нив, рече лидерот на СДСМ.
За избегнувањето на противкандидатката Данела Арсовска дебата со Шилегов, во целиот изборен период, рече дека  потсетува „на најтемните времиња на режимот на Груевски од соочување со фактите“.
„Жално е што овие денови се обидуваат да го потценат, да го излажат и изманипулираат нашиот народ. Ние немаме проблем како се изјаснуваат граѓаните во својата определба, дали Данела се чувствува Бугарка или не, ние сме лидери на едно општество за сите, секој може да биде кандидат во оваа држава. Но, да го лажеш својот народ и да манипулираш во камери. Ја прашуваат - дали е вистина или не?“, таа - „Тужба ќе ви поднесам“, рече Заев и додаде дека „во понеделник ќе ја заборавиме Данела Арсовска и тоа им е јасно на сите“. хс/вј/

Остани поврзан