• вторник, 24 декември 2024

Заев - Лавињ: Целосно заокружен процесот на воено интегрирање во НАТО

Заев - Лавињ: Целосно заокружен процесот на воено интегрирање во НАТО
Скопје, 16 ноември 2021 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во присуство на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и на генералот Симеон Трајковски, денеска го прими командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација генерал Филип Лавињ, непосредно пред церемонијата за потпишување на заедничката декларација за интеграција на Република Северна Македонија во структурите на НАТО. Со потпишување на оваа заедничка декларација, се вели во соопштението од владината прес-служба, официјално се заокружува процесот на воено интегрирање на Република Северна Македонија во командните структури и во структурата на силите на Алијансата. Северна Македонија посветено работеше на процесите кои ја овозможија воената интеграција со што земјата гордо застанува рамо до рамо со нашите сојузници во НАТО. Заев, Шекеринска и Лавињ, како што информираат од владината прес-служба, на средбата разговарале и за придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, како придонесот за стабилноста во регионот кој гарантира инвестиции во државата, но и за придонесот на Северна Македонија во мисиите на НАТО. На средбата, исто така, било истакнато дека церемонијално потпишување на заедничката декларација е споделена чест и гордост од посветеноста на сите кои учествуваа во овој процес. аа/са/

Остани поврзан