• понеделник, 23 декември 2024

Заев: Имаме позитивни показатели во остварувањето на Буџетот и економијата во квартал кога пандемијата има највисоки пикови

Заев: Имаме позитивни показатели во остварувањето на Буџетот и економијата во квартал кога пандемијата има највисоки пикови
Скопје, 2 април 2021 (МИА) - Буџетот е ликвиден, редовно ги сервисира сите потреби и наплатата на приходите од почетокот на годината до 22 март е повисока за 3,3 отсто во однос на преткризниот период лани, вели премиерот Зоран Заев и додава дека е многу важно да ги гледаме бројките во остварувањето на буџетот и економските параметри споредбено во првиот квартал оваа година со истиот квартал од минатата година кога последиците од пандемијата уште не беа започнати. -Приходите, заклучно со првото тримесечје, се реализирани со 22,8 проценти, расходите со 22,4 проценти, а капиталните расходи со 16,6 проценти. Макроекономските движења, исто така, одат во позитивна насока. Во јануари 2021 година извозот на стоки пораснал за 15,4 отсто на годишна основа. Со засилена динамика продолжија позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки е со раст од 5,3 проценти и придонесе трговскиот дефицит во јануари да се намали за 29 проценти,  а трговијата на мало во истиот период забележа раст од 2 проценти, рече премиерот Заев вечерва во „Само интервју“ на Канал 5 тв. Согласно последните макроекономски и фискални движења, додаде премиерот, се очекува во 2021 година да се врати економскиот раст и да се надминат шоковите од пандемијата. Според Заев, предвидувањата се дека со закрепнувањето на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како растот на домашната потрошувачка поддржан од антикризните економски мерки да бидат двигатели на економскиот раст, кој е проектиран на 4,1 отсто. Тој нагласи дека трендовите помагаат во креирањето на следни фокусирани мерки, но, рече, претходно треба да се деблокираат и мерките од петтиот пакет во Собранието кои, освен што ќе го поддржат бизнисот, ќе ја стимулираат и економската активност преку поддршка на инвестициите и преку зголемување на бројот на вработените. На тој начин, вели Заев, ќе се делува кон забрзување на заздравувањето на економијата, а понатаму и кон забрзување на економскиот раст. -Просечната месечна нето-плата во 2020 година, согласно предвидувањата, забележа раст од 7,8 отсто, кој произлегува од мерките преземени пред пандемијата, како што се владината мерка за финансиска поддршка на работодавците коишто извршија зголемување на платата до одреден износ, зголемените плати на вработените во јавниот сектор, како и дополнителното зголемување на платите во образованието и здравството во 2020 година, рече премиерот Заев во интервјуто. сст/дма/

Остани поврзан