Заев-Клуге: Динамизирањето на постапката за добивање на вакцини за сите земји е израз на пријателство и солидарност
- Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за здравство Венко Филипче преку интернет-конференциска врска одржа состанок со регионалниот дир

Скопје, 20 јануари 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за здравство Венко Филипче преку интернет-конференциска врска одржа состанок со регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге и сo претставници на СЗО.
Во фокусот на разговорот, како што соопшти владината прес-служба, беа актуелната состојба во Северна Македонија со заразени од коронавирусот, како и активностите во врска со обезбедувањето на вакцини и имунизацијата на населението против вирусот КОВИД-19.
Во разговорот премиерот Заев, како што се наведува, информираше дека состојбата со заразени од коронавирусот во нашата земја е стабилна, со двојно намален број на хоспитализирани пациенти и дека доколку има потреба, има доволно слободни места во болниците. Заев посебно ја истакна и се заблагодари за поддршката на СЗО и успешната соработка со локалната канцеларија на Организацијата во земјата, во поглед на донации, консултации, насоки и препораки за совладување на здравствената криза предизвикана од пандемијата од коронавирусот.
- За време на празниците, овде во Северна Македонија беа воведени димензионирани мерки со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се амортизира ударот кон здравствениот систем и поддршката од граѓаните, со целосно почитување на мерките доведе до тоа сега да имаме стагнација на ширење на вирусот, рече премиерот Заев, додавајќи дека и понатаму остануваат во сила мерките и препораките со цел заштита на населението и здравствениот систем.
