• четврток, 26 декември 2024

Загриженост поради големото количество хемиско оружје во Сирија

Загриженост поради големото количество хемиско оружје во Сирија

Хаг, 25 ноември 2024 (МИА) – Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) денеска соопшти дека е „длабоко загрижена“ поради тоа што нема одговор од Сирија на прашањето за нејзините големи залихи на хемиско оружје, кое може да вклучува забранети воени отрови.

Во 2013 година, Сирија се согласи да се приклучи на ОПЦВ, набргу по нападот со гас во близина на Дамаск, во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе.

- И покрај повеќе од една деценија интензивна работа, случајот со хемиско оружје во Сирија сè уште не може да се затвори, рече генералниот директор на организацијата Фернандо Аријас на годишниот состанок на ОПЦВ.

Организацијата претходно го обвини режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад за употреба на хемиско оружје во граѓанската војна, што Дамаск го негираше.

- Од 2014 година, секретаријатот (ОПЦВ) пријави вкупно 26 отворени прашања, од кои седум се оттогаш решени, во врска со залихите на хемиско оружје во Сирија, рече Аријас.

- Содржината на преостанатите 19 отворени прашања предизвикува голема загриженост бидејќи се однесуваат на големи количества потенцијално непријавени или непроверени агенси за хемиска војна и хемиска муниција, додаде тој.

Правото на Сирија на глас во ОПЦВ беше суспендирано во 2021 година. Санкцијата без преседан беше одговор на нападите со гас врз цивили во 2017 година, што Дамаск го негираше.

Минатата година ОПЦВ ја обвини Сирија за напад со хлор во 2018 година во кој загинаа 43 лица, што предизвика тензии меѓу Дамаск и Западот.

Конфликтот во Сирија, предизвикан од задушувањето на продемократските демонстрации во 2011 година, остави повеќе од половина милион мртви, милиони раселени луѓе и ја подели земјата. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан