• сабота, 21 декември 2024

Загина 63-годишен прилепчанец при палење стрниште

Загина 63-годишен прилепчанец при палење стрниште

Прилеп, 6 април 2024 (МИА) - Во несреќен случај, од пожар загина 63-годишен прилкепчанец кој палел стрниште на својата нива. При палењето на стрништето прилепчанецот бил зафатен од пожарот и починал на местото на несреќата. Итната помош само констатирала смрт и поради несреќата нема да се изврши обдукција зашто нема траги на насилство.

Како што информира основниот јавен обвинител Стевчо Биноски, несреќата се случила околу 13 часот.

-Прилепчанецот запалил стрниште на својата нива во месноста викана Поводенци кај Прилеп. Пожарот излегол од контрола, ги зафатил и другите ниви, но го опфатил и 63-годишниот прилепчанец со иницијали С.Д. Прилепчанецот загинал на местото на несреќата. Екипата на итната помош само констатирала смрт. Пожарот ги зафатил и другите ниви, но од противпожарната единица од Прилеп е изгаснат, рече основниот јавен обвинител Стевчо Биноски.

Според командирот на прилепската противпожарна единица Кристијан Момироски, екипите на единицата за брзо време го изгаснале пожарот, но доцна било за 63-годишниот прилепчанец.

-Излеговме на терен со 2 возила и 8 пожарникари. За брзо време пожарот е изгаснат, но кога пристигнала нашата екипа возилото на Итната помош веќе заминувало од местото на настанот со телото на починатиот, рече Момироски

Од Итната помош во Прилеп истакнаа дека нивната екипа можела  само да констатира смрт. 

Ова е прв случај на несреќа со загуба на човечки живот при палење стрниште. Не е наредена обдукција зашто нема траги на насилство и случајот е прогласен за несреќен.

Од прилепската противпожарна единица велат дека овој период годинава во споредба со лани има за 30 насто повеќе пожари на отворено, на објекти и во други случаи. Главен фактор е човекот. ем/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан