• недела, 12 јануари 2025

Завршува реконструкцијата на улиците „Стево Теодосиевски“ и „Димитар Влахов“ на западниот влез во Кочани

Завршува реконструкцијата на улиците „Стево Теодосиевски“ и „Димитар Влахов“ на западниот влез во Кочани
Кочани, 27 август 2022 (МИА) – Со асфалтирањето на новата сообраќајна лента на булеварот „Стево Теодосиевски“ и со преасфалтирање на коловозот на улицата „Димитар Влахов“ завршува реконструкцијата и проширувањето на западниот сообраќаен влез во Кочани. За реализација на овој инфраструктурен проект, со кој значително ќе се подобри протокот на сообраќајот во централното градско подрачје, се инвестираа над 10,5 милиони денари од општинскиот буџет. Во сообраќајното решение е вклучена и изградба на два кружни тека, кај двојниот мост и агенцијата „Вел-јан“. -Според техничкиот проект, градежните активности се реализираат на траса во должина од околу еден километар. На уредувањето на овој дел од централното градско подрачје се работеше во изминатите четири ипол години, почнувајќи од експропријација на земјиштето и отстранување на старите куќи, до расчистување на теренот и создавање услови за изградба на втората лента од булеварот „Стево Теодосиевски“. Со ова се овозможува непречено движење на возилата и соодветен сообраќаен излез и влез од западната страна на Кочани, ќе се унапреди безбедноста и на пешаците и на возилата, а се подобрува и естетскиот изглед на овој дел од градот, истакнаа од Секторот за уредување на градежното земјиште. Во рамки на проектот за изградба и реконструкција на коловозот на двете улици, поставена е нова инсталација за јавно осветлување и атмосферска канализација. Исто така, ќе се инвестираат дополнителни два милиони денари за изградба на булеварско разделно зеленило и метални скали, а се планира да се уреди нов паркинг простор на површина од 800 квадратни метри на јужната страна од булеварот „Стево Теодосиевски“.та/вј/

Остани поврзан