• недела, 24 ноември 2024

Заврши 10. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“

Заврши 10. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“
Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Десеттиот Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ заврши со читање од авторите гости на фестивалот кои претставија извадоци од свои дела на јазикот на кој творат. Во Даут-пашиниот амам синоќа читаа писателите: Дамир Каракаш од Хрватска, Броња Жакељ од Словенија, Владислав Бајац од Србија, Елена Алексиева од Бугарија, сценаристот и режисер Рајко Грлиќ од Хрватска, нашиот писател Томислав Османли и поетот Пијан Славеј. Во сеќавање на Луан Старова, неговата ќерка Дита Старова-Ќерими прочита извадок од неговиот роман „Враќањето на козите“, којшто тој го прочита на неговото гостување на фестивалот во 2016 година. Со видеообраќање по повод врачувањето на наградата „Прозарт“, што ѝ ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, се обрати писателката Оливера Николова. На писателите учесници таа им порача дека  „никогаш не ќе знаат со сигурност кои бедеми ги поставува она што го работат, сè додека не го пропуштат времето да истрча пред нив и да им мавта од иднината за повикување“. Во изминатите три дена писателите учесници имаа можност да се дружат заедно со членовите на програмата „Скопје fellowship“ . Фестивалот го затвори неговиот основач, Дејан Трајкоски. Во рамки на дополнителната програма на фестивалот, вечер во 20 часот во Кинотеката во Скопје ќе биде прикажан филмот „Караула“ на режисерот Рајко Грлиќ, кој е гостин на „ПРО-ЗА Балкан“. Пред проекцијата ќе разговораат Петар Арсовски, Александар Прокопиев и Рајко Грлиќ. хс/бак/  

Остани поврзан