Заврши состанокот на европските лидери во Париз - повик за единство меѓу Европа и САД во однос на украинската безбедност
- Во Париз заврши итниот состанок на европските лидери за Украина, свикан од францускиот претседател Емануел Макрон.

Париз, 17 февруари 2025 (МИА) - Во Париз заврши итниот состанок на европските лидери за Украина, свикан од францускиот претседател Емануел Макрон.
Состанокот, како што соопшти Елисејската палата, беше неформален, организиран поради загриженоста на европските лидери за намерата на американскиот претседател Доналд Трамп лично да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и да преговара за Украина.
На состанокот присуствуваа лидерите на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Германскиот канцелар Олаф Шолц по неформалниот состанокот повика на единство меѓу Европа и САД во однос на одговорноста за украинската безбедност, објавија странските агенции.
Коментарот на Шолц беше за напорите на САД да започнат преговори со Русија без консултација со Европската унија.
„Не смее да има поделба за прашањата за безбедност и одговорност меѓу Европа и САД“, рече Шолц по денешниот вонреден самит чиј домаќин беше францускиот претседател Емануел Макрон.
„Со други зборови, НАТО е основан на база секогаш да дејствуваме заедно и да го споделуваме ризикот, а со тоа да ја обезбедиме нашата безбедност. Ова не треба да се доведува во прашање“, додаде Шолц.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека мора да има безбедносна определба од САД кон европските земји за тие да испратат мировни сили по војната и дека е премногу рано да се каже колку британски војници ќе биде подготвен да распореди.
„Европа мора да ја одигра својата улога и јас сум подготвен да го разгледам учеството на британските сили на теренот заедно со другите доколку има траен мировен договор, но мора да има поддршка од САД бидејќи американските безбедносни гаранции се единствениот начин ефикасно да се одврати Русија од повторен напад на Украина“, изјави Стармер по состанокот на европските лидери во Париз.
Полскиот премиер Доналд Туск по состанокот рече дека трошоците за одбрана нема да бидат дел од процедурата за прекумерен буџетски дефицит на ЕУ.
Тој додаде дека сите учесници на состанокот споделуваат слични ставови како и Полска за клучните прашања и се согласиле дека е неопходна тесна соработка во рамките на НАТО.
Данската премиерка Мете Фредериксен, пак, рече дека сите европски земји треба да ја зајакнат поддршката за Украина и да ги зголемат трошоците за одбрана за да се заштитат од Русија.
„За жал, Русија сега и се заканува на цела Европа“, изјави Фредериксен по состанокот на ЕУ лидерите. паг/
Фото: ЕПА