• сабота, 23 ноември 2024

Заврши расправата за измените на Законот за работни односи на Комисијата за европски прашања

Заврши расправата за измените на Законот за работни односи на Комисијата за европски прашања
Скопје, 28 јуни 2022(МИА) - Заврши расправата за предлог-измените на Законот за работни односи на Комисијата за европски прашања. Потпретседателката на комисијата Арта Биљали Зендели вели дека седницата е затворена, бидејќи завршија двата дена за расправа во работното тело предвидени за закони со европско знаме и по скратена постапка. Таа соопшти дека од поднесените 388 амандмани разгледани се само два, поради како што рече, тоа што опозицијата ја блокирала работата со процедурални забелешки. Пред претресот по амандманите, во процедурална забелешка координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека нема да се навраќа на сето она што се случуваше во текот на вчерашниот ден и додаде дека не се дозволува дискусија за нивното барање - разгледување на заклучоците на ЕУ за Западен Балкан на првата наредна седница. - Недозволиво е барањето кое писмено ви е доставено да не го ставите како точка на дневен ред, да се произнесеме по него. Дополнително, дали вчера утврдивте предлог-дневен ред, дали дадовте можност да го дополниме тој дневен ред, праша Мицевски. Тој апелираше да се почитуваат законите и Деловникот на Собранието, укажувајќи дека не е усвоен дневниот ред и додаде оти не им е дадена можност за дополнување на дневниот ред со точката која ја предлагаат. Според него, точката што ја предлагаат треба да се стави на дневен ред, а пратениците треба да се произнесат. Мицевски пред членовите на Комисијата и пред медиумите прочита еден документ кој, како што рече, дошол до него. Според тој документ, Комисијата за европски прашања нема да води претрес по поднесените амандмани, бидејќи според член 171 Д, став 1 од Деловникот на Собранието е истечен рокот од најмногу два дена за водење претрес по амандманите. Ова е, како што рече, изготвен текст кој заменик-претседателката на Комисијата денеска планира по неколку процедурални или по неколку паузи да го прочита пред македонската јавност. Тој потенцира дека на крајот на денот владиното мнозинство, пратениците од СДСМ и ДУИ, ќе пробаат да утврдат дека нема можност да се разговара по амандманите. Биљали Зендели соопшти дека дневниот ред вчера се гласал пред, како што рече, „неизбежниот скандал“ што се случи во салата. Таа информира дека не работи по сценарија, а додаде дека вчерашниот скандал бил монтиран и предизвикан, а расправата веќе е почната. Откако не добија одговори на поставените прашања и можност за процедурални забелешки, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ скандираа и тропаа по маси. Побараа на седницата да присуствуваат и други владини претставници, а не само министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. ир/сп/

Остани поврзан