• четврток, 26 декември 2024

Заврши расправата за избор на замениците-министри, гласањето по паузата

Заврши расправата за избор на замениците-министри, гласањето по паузата

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Собранието и денеска ја продолжи 104-тата седница со дебата по четвртата точка на дневниот ред - Предлог за именување на заменици министри во Владата. Пратениците расправаа за избор на заменик-министри за одбрана Тирон Јајага, за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша, за здравство Маја Манолева и за образование и наука Агим Нухиу. 

На денешната седница доминираа теми од економијата, земјоделството, здравството, хакираните институции, дојавите за бомби по училишта,... Пратениците зборуваа и за недостигот на лебот по маркети по одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот.

Заврши претресот по Предлогот за именување на заменици министри во Владата и претседателот на Собранието, Талат Џафери даде пауза до 16 часот. По враќањето на пратениците во собраниската сала, се очекува да се гласаат новите четворица заменик-министри.

Говорите на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ беа насочени кон предлогот за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша, за која рекоа дека не може книжевник да биде адекватен кадар за раководење со ресорот земјоделство. Тие со забелешка до премиерот дека не може да бара поддршка за замениците, без да ги каже нивните квалитети и какво добро ќе им донесат овие кандидати на граѓаните. 

Дафина Стојаноска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ рече не знае ни како изгледаат тројца од предлозите за заменик-министри.

-Агим Нухиу го гледав тука во Собранието, но немам никаков впечаток за него, а посебно за неговата експертиза. Можеби конечно ќе се пронајде во најдобрата улога како заменик-министер за образование и наука, бидејќи досега немавме можност да посведочиме за тоа. Сепак, останува фактот дека Нухиу е незаменливиот, вечниот член на Влада, како и дека Ковачевски нема право на избор, туку има право само да го прифати она што ќе  му се понуди без никаква забелешка. За госпоѓицата Бериша сакам да истакнам дека пред речиси една година остави врз мене силен впечаток кога гледав едно нејзино ТВ гостување. Дури и мислам дека се распрашав кај колегите на Алијанса за Албанците, која е и од каде и им кажав дека е многу способна и оти треба да и дадат шанса, но да се биде заменичка-министерка во ресорот земјоделие, се сомневам дека е некое достигнување. Останува и овој предлог да го видиме на дело, но никако како жена не посакувам Бериша да ја стават пред лошо искушение со цел уништување на нејзината политичка кариера, рече Стојаноска.

Јадранка Поцкова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека се сомнева дека предлогот за заменик-министер за здравство Маја Манолева, која е потпретседател на Лекарска Комора, директор на Јавна здравствена установа – Завод за физикална медицина Скопје и сопственик на приватна здравствена установа „Физиоплус -  д-р Манолева“ заради што била директно прозвана од Државна комисија за спречување на корупција, ќе ги реши „горчливите проблеми во здравството“.

-Дали ќе ги подобри условите за работа во јавното здравство, тука мислам на реконструкција на здравствените установи, изградба на нов Клинички центар во Скопје, продолжување со изградбата на Клиничкиот центар во Штип и набавка на апаратура? Дали министерот и заменичката ќе ги земат на одговорност директорите на Фондот за здравствено осигурување? Дали ќе се прошири позитивната листа? Дали Манолева заедно со министерот ќе се борат болните со ретки болести да ги добијат своите лекови? Дали ќе се борат и ќе направат се за да се врати достоинството на белиот мантил во Македонија и да престане миграцијата кон приватните здравствени установи  и надвор од земјата? Затоа што последните три години се имаат иселено 2.200 доктори и 5.000 медицински сестри?, рече во својот говор Поцкова.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев истакна дека можеби Бериша е одличен професор и книжевник, но, како што рече, не може да раководи со ресорот земјоделие.

Собраниската 104. седница за реконструкција на Владата започна пред три недели, а новите министри во Владата на Ковачевски, Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за животна средина и просторно планирање беа избрани пред полноќ во понеделникот.фф/ац/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан