Заврши проектот „Подобрување на изработката и дистрибуцијата на статистички податоци“
- Успешно заврши проектот „Подобрување на изработката и дистрибуцијата на статистички податоци“, чија специфична цел беше дополнително да се поддржи Државниот завод за статистика н аРСМ во усог
Скопје, 29 септември 2022 (МИА) - Успешно заврши проектот „Подобрување на изработката и дистрибуцијата на статистички податоци“, чија специфична цел беше дополнително да се поддржи Државниот завод за статистика на РСМ во усогласувањето со законодавството на ЕУ и
да се надгради неговата статистичка и ИКТ инфраструктура за да се зголеми ефикасноста во
изработката на статистички податоци, како и да се подобри квалитетот на податоците со цел
подобро да се одговори на новите предизвици што се јавуваат со измените во
законодавството на ЕУ.
На денешниот завршен настан од проектот беше истакната успешноста на проектот и беше потенцирано дека најголем дел од предвидените активности во рамки на проектот се завршени.
Општа цел на проектот беше да се подобри квалитетот и достапноста на статистички податоци
и да се унапреди нивното користење во изработката и координацијата на јавните политики.
Проектот беше составен од четири компоненти - дополнително усогласување со стандардите на ЕУ на полето на макроекономска статистика што ќе ја подобри постојната методологија согласно
препораките на ЕСА 2010 за квалитетот на податоците во националните сметки, методологијата ЕСА 2010 и податоците доставени до Евростат во рамките на програмата за пренос што ги дефинира сметките и табелите што треба да ги обезбедат сите земји-членки на ЕУ согласно утврдени рокови, втора компонента - дополнително усогласување со стандардите на ЕУ на полето на деловна статистика има за цел да го подобри квалитетот на Статистичкиот деловен регистар и да воведе Туристичка сателитска сметка. Се состои од две пот-компоненти: Статистички деловен регистар и Туристички сателитски сметки.
Третата компонента на проектот беше дополнително усогласување со стандардите на ЕУ на полето на социјална статистика има за цел да обезбеди гаранција на квалитет во сите фази од Пописот
согласно Препораките на КЕС за пописите на население и домаќинства за 2020 година и
Регулативата на ЕУ, како и да ја зголеми довербата во резултатите од пописот и четвртата - дополнително подобрување на ИКТ инфраструктура има за цел да го преработи статистичкиот ИТ систем согласно стандардите на ЕУ и меѓународните стандарди, и со тоа да ја зајакне ефикасноста и безбедноста на системот, да го забрза и да ги намали трошоците за изработка на податоци, да се подобри точноста и навременоста на податоците како и обработка на анкетите. Оваа компонента е поделена на три пот-компоненти (А Ревизија и изработка на функционална спецификација за преработен ИТ систем за изработка на статистички податоци, развој на ИТ систем и оценка на резултатите; Б Развој на ИТ систем за Статистички деловен регистар; В Подготовка на техничка спецификација за договор за набавка заради замена на компјутерска мрежа, центар за податоци и опрема за Центар за опоравување од катастрофи).
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски го оцени како успешен четиригодишниот проект.
- Веќе четири години работевме на овој проект, денеска е финалето. Огромен дел од она што го предвидовме во активностите на овој проект се завршени и тоа во период на ковид-криза, во период на оваа економска криза и мислам дека показателот е многу добар. Работевме не само на овој проект, туку заедно ги надминувавме и сите оние политички проблеми, кои за жал се случуваат со Република Бугарија.
Покажавме еден добар пример дека може да се соработува без притоа да се гледа на политиката, истакна Симовски.
Тој потенцираше дека Заводот има огромни придобивки од проектот, посочувајќи дека главна компонента била таа во ИТ делот, каде што е сработен огромен дел, но поради недостиг на кадри, се уште не е целосно завршена.
Проектот „Подобрување на изработката и дистрибуцијата на статистички податоци“, што го спроведуваше Државниот завод за статистика во соработка со БИМ Консалтинг (БГ) и Националниот статистички
институт (БГ), е целосно финансиран од Европската Унија. Проектот е во вредност од 1.648.500 евра.
На новинарско прашање околу ситуацијата со балансерот, Симовски истакна дека вече во јавноста е објаснето која компонента од пописот што значи и оти не отстапуваат од тоа во ниту еден момент.
- Со Националниот институт за статистика никогаш не сме имале проблем со податоците што ги продуцираме. Јас немам намера да коментирам политички изјави, немам ни право да коментирам. Во однос на балансерот, ние кажавме кои категории како ќе ги имаат во пописот, како ќе се употребат политички или злоупотребат, не знаеме, треба да ги прашате тие што ги користат, колку што знам јас Владата нема донесено никаква одлука за балансерот, потенцираше директорот на Заводот за статистика. см/аа/