• петок, 05 декември 2025

Заврши проектот „Паметни решенија - Велес продолжуваме“

Заврши проектот „Паметни решенија - Велес продолжуваме“

Велес,13 мај 2025 (МИА) - Во електронската сала на Општина Велес попладнево се одржа завршната конференција на проектот „Паметни решенија – Велес продолжуваме“, кој се реализира од 15 јануари 2022 до 13 мај 2025 година, со поддршка на ЕУ и Министерството за локална самоуправа, на која беа споделени досегашните резултати од спроведените активности.

Како најзначајна активност беше спомната инфраструктурната реконструкција во централното градско подрачје со изградба на атмосферска канализација преку која за првпат во Велес се обезбеди посебна пешачка зона и велосипедска патека во строгиот центар на градот. Исто така, значајна беше и набавката и инсталацијата на смарт опрема која вклучува четири паметни постројки, четири паметни клупи на кои има можност да се полнат електрични уреди, четири полначи за електрични возила, контејнери и набавка на десет електрични велосипеди. За функционирање на смарт опремата се разви мобилна апликација која ќе се однесува за јавниот транспорт и како систем за користење на електричните велосипеди. Воедно пред присутните меѓу кои беа  и претставници од делегацијата на ЕУ и од  програмата на  ЕУ за општините, беше  презентиран и видео запис од реализираните активности на проектот.

Проектниот менаџер Марија Алчева даде детално објаснување за сите активности издвојувајќи ја како најзначајна инфраструктурната реконструкција во централното подрачје. Во изјава за МИА, Алчева појасни дека општата цел на проектот беше да придонесе за подобар „паметен“ урбан развој на градот преку оптимизација на јавниот превоз, унапредена одржлива мобилност и приспособување на одредени подрачја кон поголема достапност кон граѓаните.

-Овој концепт е од големо значење, бидејќи во пракса обезбедува услови за функционирање и задоволување на потребите на повеќе групи учесници во сообраќајот со примарен фокус на пешаците. Така првата зона е со фокус на пешаците, односно формирање на пешачка зона која е  безбедна за нивно движење, втората зона предвиде велосипедска патека наменета само за велосипедисти, а по барање на граѓаните направивме и трета зона само една коловозна лента, наменета за моторните возила во центарот на градот со што се овозможи и движење на возилата на една лента во една насока, појасни Алчева.

На конференцијата збор зема и Клаус Рихтер, тим лидер на програмата ЕУ за општините. Тој изрази задоволство од имплементацијата на проектот и постигнатите резултати. Очекува во иднина сé повеќе да се работи на нови иновативни планови и решенија во делот на урбаната мобилност.

Преку конференциска врска се вклучи и европски експерт за паметна урбанизација на простори Дарко Шишко од Хрватска кој даде препораки со фокус на обезбедување на т.н. зелена инфраструктура во урбаното планирање.

Со поздравно обраќање пред присутните на конференцијата се вклучи и Ион Гузун, програмски менаџер  од Делегација на ЕУ.

Проектниот менаџер Марија Алчева во своето обраќање истакна дека придобивката од овој обемен проект е намалување на сообраќајниот хаос во центарот на градот, редуцирање на непрописно паркираните  возила. Проектот, додаде, и естетски го разубави централното градско подрачје, кое како што нагласи, има за цел да прерасне во центар за уживање на граѓаните во разни културни, забавни настани и социјални збиднувања.ад/вј/

Фото: Општина Велес

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан