• вторник, 24 декември 2024

Заврши претставувањето на кандидатите за членови во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Заврши претставувањето на кандидатите за членови во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) – Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата вечерва ја заврши 14. седница на која беа претставени кандидатите за новиот седумчлен состав на Советот на Агенцијата за аудио- и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).   Од 24 кои ги исполнуваат условите од Конкурсот, своите биографии и визиите за работата на регулаторното тело за медиуми пред пратениците ги претставија 22 кандидати, откако кандидатурите ги повлекле Миле Бошњаковски и Виктор Грозданов.

Пратеникот Ѓорѓија Сајковски на крајот од седницата рече дека верува оти седумтемина што ќе бидат избрани „ќе го дадат максуимумот“ за да се подобрат медиумските услуги, но и дека со нивниот ангажман во Советот на ААВМУ ќе се  овозможи и подостоинствена работа на новинарите.

-Верувам дека секој од нив би дал максимален придонес зашто на денешната јавна расправа слушнавме импресивни настапи и идеи за следниот период на ААВМУ, рече Сајковски.

Во попладневниот дел од претставувањето на кандидатите излагање имаше Гордана Мајнова која дипломирала на Економскиот факултет на УКИМ и завршила магистерски студии по комуникации. Рече дека има искуство од над 20 години во радиодифузија и здравствена економија и дека е од самиот почеток на Советот за радиодифузија, во секторот за економија, меѓународна соработка и односи со јавноста. Како што рече, се фокусира на медиумскиот пазар и изработувала финансиски извештаи на работење на оператори и медиуми.

Доколку биде избрана, како што нагласи, цврсто ќе се залага за  финансиска  консолидација на радијата и телевизиите и релаксирање на одредбите за медиумска концентрација односно за либерализација, што ќе овозможи  влез на странски инвеститори во македонскиот медиумски простор.

Кандидатотот Виктор Павловски, машински инженер од УКИМ кој во последните 15 години работи на филмски и ТВ-проекти како продуцент или организатор на ТВ и филмска продукција, во своето претставување рече дека соработувал на македонски и странски филмски проекти и смета дека има искуство во емитување медиумски продукти и воопшто медиумска програма и добро ја познава технологијата на медиумите.

Како што рече, има план за нивниот креативен развој и дека е мотивиран да придонесе за создавање услови за поголема креативност и техничко-технолошки услови за работа на медиумите. Меѓу неговите планови се подигнување на професионалноста и етиката на македонски медиуми на ниво на европски стандарди, онлајн информативните портали да бидат во регистарот на медиуми, ќе се залага за  воведување систем за следење за гледаност на телевизиите по дигитален пат, а не аналогно и со пиплметри.

Кандидатот Владимир Ѓорѓиевски, дипломиран правник по европско право и право на ЕУ, во своето претставување рече дека во неговиот фокус на интерес е правото на интелектуална сопственост и авторското право.

Доколку биде избран, ќе се залага за измени на медиумска регулатива заради усогласеност со актите на Европската Унија, при што наведе дека има учествувано во работни групи за измени на домашната регулатива за усогласување со законодавство на ЕУ.

Посочи дека ќе се залага за промовирање фер конкуренција,  саморегулацијата, зајакнување на медиумската писменост, заштита на слободата на медиумите од политички, економски и други влијанија. Нагласи дека важна цел што треба да биде во надлежност на регулаторот е борбата со дигиталната пиратерија која, рече, „за жал зема се поголем замав во земјите на ЕУ и во нашата земја“.

Елена Стојковска, магистер електроинженер со 13 години работно искуство во електротехнички науки и информатички технологии и телекомуникации и работа во тој оддел во државни Електрани, во своето претставување истакна дека како млад информатичар може да придонесе кон работата на ААВМУ  и главна цел ќе и биде и техничко-технолошкиот развој на ова регулаторно тело.

Ќе се залага, рече, за продуцирање македонски содржини и промовирање на домашни автори, за регулирање на онлајн-медиумите, пренесување на домашни продукти на други канали и   видеоплатформи. Особено  внимание и анализа, рече таа, ќе посвети на регулација на содржини што се креираат од вештачката интелигенција.

Кандидатката Зеријета Хајро Јајага е новинарка со речиси 30 години искуство во јавниот сервис работејќи на општествени теми.  Во моментов предава на отсек новинарство на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет.

Како член на Советот на АВМУ смета дека ќе придонесе за медиумскиот етер и за правата на вработените во медиумите, за слободата на говорот која, како што истакна,  „е најсвето место каде се допира демократијата“.

Јајага, која е и член на Комисијата за жалби во Советот за етика во медиумите на Македонија, порача дека „политиката треба да биде подалеку од оваа институција“, посочувајќи дека  критики за слободата на медиумите во државава има од  меѓународниот фактор и дека редовно се спомнува во извештаите на Европската комисија.

Кандидатката Цветанка Миновска рече дека е новинар 28 години „професионално, и по вокација“, најпрво во МРТВ и потоа, од нејзиното формирање, во државната новинска агенција МИА.

Како што рече, себеси се смета за хроничар на многу долго време, професионално следејќи разни настани и процеси во општеството, а одбраната и безбедноста биле во фокусот на нејзината новинарска кариера.

За неа е најважна слободата на медиумите и слободата на изразување на новинарите и затоа ќе се залага за безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници особено на тие што известуваат од терен и од  настани со висок ризик, а во нејзиниот фокус ќе биде и родовата еднаквост кај новинарите.

Кандидатот Стојанчо Наумов, магистер по комуникологија, кој во еден мандат беше член на ААВМУ, во своето претставување истакна дека на Советот на ААВМУ му треба плурализам, како што рече, „попрофесионална граѓанска, образовна и стручна основа“.

Укажа дека е важно присуството на помалите етнички заедници кои, рече, се маргинализирани и нивните јазици и медиуми „речиси и да не постојат во оваа држава“.

Во однос на јавниот сервис, смета дека треба „делумно да се ревидира“ укинувањето на радиодифузната  такса и финансирањето од буџетот „со воведување делумно финансирање од граѓаните“, со што, рече, тие ќе покажат одговорност, доверба и припадност кон јавниот сервис. Значаен дел од овие средства, предлага тој, да се користат за фонд за финансирање на истражувачко новинарство и информативна и документарна програма што ќе биде наменет за сите медиуми, а можеби и за независните продуценти.

Кандидатката Афрона Верзиволи дипломирала финансиски менаџмент на УКИМ и е на магистерски студии по монетарна економија. Има искуство во финансискиот сектор, работела во Министерството за финансии, во банки, како и во оддел за финансирање во една клиника.  

Мотивот за пријавување на конкурсот, рече, е да придонесе за начинот на финансирање на медиумите, затоа што сака да ги промовира интересите на граѓаните кои, како што рече, „заслужуваат точна,  навремена и кредибилна  информација“.

Има идеја да креира стратегија за финансиска стабилност со конкретни мерки – „намалување на јавни давачки, окрупнување на капитал – човечки и финаниски на медиумскиот пазар во Република Македонија и да се тргне политиката односно медиумите да не се финансираат само од политички и изборни кампањи и т.н. кампањи од јавен интерес“.

По нејзиното претставување со реакции се вклучија пратеници од двете крила на Алијанса за Албанците. Пратеничката Илире  Даути од АА која е дел од коалицијата Европскиот фронт рече дека и посакува успех на Верзиволи, но напомена дека нејзината кандидатура има политичка заднина.

-По реакции од ЕУ за главен ревизор на ИПА, се плашам дека и од Фридом хаус ќе имаме друго вето, зашто вака не се оди со кандидати и номинации кои зависат од политиката. Барам разбирање од г-ѓа Верзиволи, но не може номинација на сопруга на политичар од огранокот на Таравари. И посакувам успешен пат, но овие работи треба да бидат одделени. Овој Совет не треба да биде политички,  рече Даути.

Реагираше Ријад Шаќири од АА во коалицијата Вреди, според кого, „ниско е да се зборува за фамилијарни работи“, затоа што, рече, „и Афрона  треба да биде нечија сопруга и нечија мајка“.

Тој смета дека пратеничката од другото крило на Алијанса се обидела да ја попречи кандидатурата на Верзиволи на расправа на која, како што рече, не се одлучува и на која не се даваат заклучоци туку се слушаат биографиите на кандидатите.

Се вклучи и пратеникот Халил Снопче кому му се допаднала амбицијата и желбата на Верзиволи како финансиски експерт да помогне во финансирањето на медиумите.

Последниот кандидат за член во Советот на ААВМУ кој се претстави пред пратениците беше Борис Арсов, доктор по комуникациски мрежи и системи и доктор по економски науки, како што рече посветен на електронските комуникации и развојот на електронски медиуми.

Се пријавил на конкурсот за да придонесе со своето научно-истражувачко искуство за технички развој на медиумите и електронските комуникации, што, рече, е многу важно при радио и телевизискиот пренос.

Смета дека јавниот сервис треба да ја подобри сопствената програмска продукција во соработка со надворешни копродукции, да создава  нови програми, играни серии од различни жанрови, едукативни и музички емисии кои би биле интересни за публиката и ќе ги следат светските трендови. Притоа, рече, да се промовираат принципите на вистинските вредности.

Арсов смета и дека треба да се намали износот на годишниот надомест за лиценца затоа што, во регионот, рече, радиодифузерите плаќаат и до десет пати помала вредност отколку што се плаќа кај нас. хс/са/

Фото: принтксирн

Остани поврзан