• вторник, 24 декември 2024

Заврши општата расправа за Предлог-законот за рамномерен регионален развој

Заврши општата расправа за Предлог-законот за рамномерен регионален развој
Скопје, 26 декември 2020 (МИА) - Заврши општата собраниска расправа по Предлог-законот за рамномерен регионален развој. По расправата, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина 26-та седница и најави дека пратениците за нејзиното продолжение ќе бидат дополнително известени. Заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски информира дека законот за рамномерен регионален развој е подготвен во согласност со Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 и со Националната програма за усвојувањето на правото на Европската унија (НПАА) 2019-2021. Предлог-законот го подготви Министерството за локална самоуправа. Целта е да се унапреди правната и институционална рамка на политиката за рамномерен регионален развој, во функција на ефикасно користење на средствата за поттикнување на рамномерен регионален развој, утврдени во Буџетот и балансирање на развојот на целата територија на државата. Се предлага воведување нова програма за намалување на диспаритетите меѓу и во рамки на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност, која ја спроведува Министерството за локална самоупрва, со цел зголемување на ефикасноста на политиката, финансирање на чинителите на политиката, како и зголемување на опфатот на корисниците на проектите кои ќе бидат поддржани од програмата. Критиките на пратениците од опозицијата се во насока дека овој предлог-законот е даден со европско знаменце и недостасува широка јавна дебата за носење добро законско решение. Според нив, на терен или на дело нема развој, а уште помалку, како што велат, рамномерен регионален развој. Сметаат дека нема идеи, нема проекти и не искористени средства од европските грантови. Укажаа дека имаме комплетно запуштени села, запустени локални патишта, градови, региони кои, како што велат, трпат масовни иселувања и напуштања. Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, сметаат дека ова законско решение е соодветно изготвено од Министерството за локална самоуправа и се темели на искуства од Бирото за регионален развој, како и од локалната самоуправа. мд/мч/  

Остани поврзан