• сабота, 23 ноември 2024

Завршена изградбата на браната „Конско“, најголем капитален проект во последните 50 години

Завршена изградбата на браната „Конско“, најголем капитален проект во последните 50 години

Скопје, 10 март 2024 (МИА) - Модерно наводнување на најмалку 6 500 хектари во текот на целата година, зголемување на обработливите површини за пет пати, помали трошоци и поконкурентно производство, ќе овозможи браната „Конско“ чија изградба и официјално е завршена. Овој капитален проект, како што беше речено на денешниот настан, е најголем во државава во последните 50 години, а претставува инвестиција вредна над 40 милиони евра, обезбедена директно од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). 

Новата вештачка акумулација е изградена со користење најсовремени технолошки методи, по светски стандарди. Водата од акумулациското езеро, освен за наводнување, ќе се користи и за производство на електрична енергија. Акумулацијата ќе овозможи и развој на руралниот туризам, спортски и рекреативен риболов, но ќе добие и нова, дополнителна вредност со предвиденото поставување пловечки фотоволтаци.

-Ова е историски ден за државата, за земјоделството, за овој регион, за граѓаните и за Владата. Браната Конско е целосно изградена, ќе биде запишана во историските доумненти и ќе биде сведок на едно време кога потребите на државата и граѓаните беа приоритет. Ова е најголемиот капитален проект за регионов во последните 20 години и за државата во последните 50 години. Поминавме и КОВИД криза, но ништо не не спречи во реализирање на инвестицијата вредна над 40 милиони евра. Бев тука во 2018 година, кога заедно со тогашниот премиер Зоран Заев го притиснавме копчето кое означи старт на работата. Оттогаш дојдовме повеќе пати, го следевме целиот процес, присуствуваме на тестирањето на опремата и сведочевме на првото полнење на браната. Затоа, овој проект го доживувам како нешто лично, но и како траен печат за државата и овој регион, проект кој го мапира и МЗШВ како институција која работи за доброто и потребите на земјоделците, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада, Љупчо Николовски. 

Според претседателот на државата Стево Пендаровски, изградбата на браната „Конско“ како дел од Хидромелиоративниот систем „Гевгелиско поле“ е една од најсериозните инвестициии во македонското земјоделство, но и на енергетски план со оглед дека транспортирањето на водата за наводнување може да се користи и за производство на електрична енергија.

-Со оваа нова акумулација плодниот македонски југ, гевгелиското поле ќе има можност за пристап до дополнителни сериозни количини вода за наводнување што е предуслов за соодветен принос на земјоделските култури. Покрај гевгелискиот регион, акумулацијата ќе може да ги снабдува со вода за наводнување и Богданци и околината, како и дојранскиот регион. Верувам дека, како што беше и претходно потенцирано, со најголемата инвестиција во последните децении во гевгелискиот крај повторно се враќа фокусот и вниманието кон земјоделството и развојот на нашиот јужен регион. Очекувам дека вакви и слични проекти ќе следат и во останатите делови од земјата каде што недостасуваат акумулации како поддршка на земјоделското производство, рече Пендаровски. 

Тој се осврна и на климатските промени.

-Сведочиме дека се повеќе и повеќе имаме сушни периоди и недостаток на врнежи така што секоја капка вода за наводнување е особено драгоцена. Во оваа прилика не треба посебно да се потенцира што значи земјоделството како стопанска гранка за нашата држава. Кога во светски рамки храната постојано поскапува и има недостатоци од некои производи, од суштинско значење е да имаме стабилно и квалитетно земјоделско производство. Не смее да има изговори за нашите ниви да остануваат неизорани и непосеани. Секоја педа од оваа дарежлива македонска земја треба да се искористи. Земјоделството значи храна за нашите граѓани, но и извоз и значајни девизни приливи како еден од значајните столбови на македонската економија. Мораме со постојан ангажман да создаваме услови нашите земјоделски производи да бидат застапени не само во регионот, туку и на европскиот и на глобалниот пазар, подвлече претседателот. 

Поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски потенцира дека денешниот ден е многу значаен за земјоделството.

-Ставаме крај на шестдеценискиот предизвик. Од денеска ќе има доволно вода за наводнување и развој на земјоделството во овој регион. Оваа брана, најголем проект во последните 50 години во државава, за малку помала од Мавровската, ќе го развие и туризмот, многу скоро ќе дојдат инвеститори кои ќе сакаат тука да изградат објекти. Горд сум што оваа голема инвестиција почна и заврши за време на Владата на СДСМ. Ако некој можеше во минатото, пред две декади, да упати критика до нас дека не сме ги довршувале работите, ова е најдобра потврда за спротивното. Оваа Влада ќе остане запамтена по тоа што успеа да изгради најголем инвестициски објект, а претходната власт ќе биде запамтена по инвестиција што ја планираше, но не ја заврши - парапетот околу Охридското Езеро, и тоа е разликата, нагласи Ковачевски.

На настанот присуствуваа поранешниот премиер Зоран Заев, пратеници, владини претставници, градоначалници, директори на претпријатија и економско-социјални партнери на МЗШВ. Кусо се обрати и извршниот директор на фирмата изведувач на проектот Хасан Адали, заблагодарувајќи се за соработката со МЗШВ.

Изведувачот на работите на браната „Конско“ е турскиот конзорциум од компаниите „Серка“ и „Ак Ели“, а надзорот го вршеше Градежниот институт.  

По официјалното промовирање на завршената изградба на браната, беше извршена и обиколка на сите придружни објекти. мч/рт/

фото/видео: МИА, СДСМ, Кабинет на претседателот Пендаровски 


 

Остани поврзан