• недела, 17 ноември 2024

Забрана за тешки товарни возила и автобуси на повеќе патни правци, без струја неколку села во Општина Маврово-Ростуше

Забрана за тешки товарни возила и автобуси на повеќе патни правци,  без струја неколку села во Општина Маврово-Ростуше

Скопје, 20 јануари 2024 (МИА) - Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, а сите патни правци во државата се проодни. Врнежи од снег има на целата територија од државата.

Според ЈП Македонијапат, до 18:00 часот, забрана за сообраќај за тешки товарни возила има на Стража, Маврово, Ѓавато, г.п.Ќафасан, г.п.Јажинце, Плетвар, Демир Капија – Миравци и Струмица-Берово. На патниот правец Тетово – Попова Шапка има забрана за сообраќај за автобуси додека за другите возила е задолжителна зимска опрема (синџири). Задолжителна зимска опрема и за сите возила кои патуваат кон граничниот премин Делчево.

На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација,како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Дежурните екипи на ЈП МАКЕДОНИЈАПАТ се постојано на терен со 172 теретни возила, и ги одржуваат сите патни правци проодни.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека по известување од Регионалниот ЦУК Тетово, во 17.35 часот, по добиеното известување од  Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК,  патот од село Велебрдо до село Битуше до влезот на селото е замрзнат и преставува опасност на возилата што го употребуваат тој правец.

Претставник од Општина Маврово-Ростуше известил дека екипи од Општина Маврово-Ростуше два пати имаат интервенирано по тој правец, дека патот бил прооден, но дека ја следат состојбата и повторно ќе излезат на терен за чистење на патот при што фрлаат и „ризла“.

Истовремено, од локалната подружница на ЕСМ, ЦУК има известување дека има дефект и се работи на далекувод на мрежа, заради што нема струја во неколку села во општината, но дека екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот. вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан