• среда, 25 декември 2024

ЖФК Љуботен не доби согласност од Општина Тетово да го користи градскиот стадион

ЖФК Љуботен не доби согласност од Општина Тетово да го користи градскиот стадион

Тетово, 14 септември 2023 (МИА) - По вчерашното писмено барање како и денешниот состанок со одговорните лица во општината прволигашката женска екипа Љуботен не доби согласност да игра на градскиот стадион во Тетово. Според информациите кои ги соопшти клубот од општината добиле само ветување дека тоа ќе биде возможно по 24 септември.

- Во врска со барањето на ЖФК Љуботен за одигрување на натпреварот од 4-тото коло на градскиот стадион во Тетово по состанокот со одговорните лица одговорот е времено НЕ! Како главна причина за одбивањето е фактот што теренот се наоѓа во фаза не репарација и истиот според изведувачот на работи не смее да се користи до 24.09.2023 година. Во разговорот добивме ветување дека идните дерби натпревари ќе ги играме на градскиот стадион. Се надеваме на успешна заедничка комуникација во корист на спортот, соопшти ЖФК Љуботен.

Во текот на денот клубот информираше дека 24 часа не добиле никаков одговор од општината, каде вчера, среда 13 септември 9 часот доставиле писмено барање дуелот во недела со ЖФК Скопје да се игра на Градскиот стадион.

- Сите предуслови кои ги бараше претходно општина Тетово се исполнети. ЖФК Љуботен е прволигаш и двократен шампион а ФК Шкендија овој викенд игра на гости и стадионот е слободен. По 24 часа уште молк од општината, напишаа од ЖФК Љуботен на социјалните мрежи.

Во текот на август и ФК Тетекс реагираше дека Општината не дозволува да се користи стадионот. Иако Општината и тогаш информираше дека ќе биде само за прволигашките фудбалски екипи, ЖФК Љуботен не одигра ниту еден првенствен меч. ас/


Фото: МИА 

 

Тагови

Остани поврзан