• вторник, 24 декември 2024

Жичницата до Милениумскиот крст изминатата недела ја користеле 2.271 лице

Жичницата до Милениумскиот крст изминатата недела ја користеле 2.271 лице
Скопје, 4 јуни 2022 (МИА) - Во периодот од 27 мај до 2 јуни со жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст се возеле 2.271 граѓанин, односно само за време на викендот (28 и 29 мај) 1.194 граѓани го посетиле Водно користејќи ја жичницата. Овој податок говори дека е голем бенефитот што го почувствуваа скопјани со реактивирањето на жичницата, велат од Град Скопје.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст и трите автобуски линии кои сообраќаат до Средно Водно повторно се во функција од 30 декември 2021 година. Во периодот мај – септември  жичницата работи секој ден, освен понеделник и секој последен вторник во месецот (поради сервис), од 10 до 20 часот.
Од Град Скопје информираат дека за возење во жичницата важат протоколи за заштита од Ковид 19 - во кабина се дозволува превоз на максимум четири лица, кои имаат обврска да носат маска. На патниците пред влез во кабината им се мери температура и се врши дезинфекција. Кабините се дезинфицираат трипати во текот на денот.
За граѓаните на користење се отстапуваат и два транспортера за превоз на домашно милениче (куче со мал/среден раст), а дозволен е и превоз на куче-придружник на лицата со хендикеп.
До Средно Водно сообраќаат три автобуски линии – бројот 25 (Транспортен центар – Средно Водно), сообраќа секој ден освен понеделник, како и броевите 25А (Автомакедонија – Средно Водно) и 25Б (Дом на печат – Средно Водно) кои сообраќаат само за викенди и државни празници. Сите три линии за време на викендите и државните празници се бесплатни за граѓаните.
Возниот ред за овие три автобуски линии граѓаните можат да го погледнат на Интернет - страницата на ЈСП Скопје, jsp.com.mk. сст/дма/

Остани поврзан