• вторник, 24 декември 2024

Жителите од североистокот поднеле 64 претставки до канцеларијата на заменикот народен правобранител во првите шест месеци од годинава

Жителите од североистокот поднеле 64 претставки до канцеларијата на заменикот народен правобранител во првите шест месеци од годинава

Куманово, 17 јули 2024 (МИА) - Над 60 претставки во првата половина од годината поднеле граѓаните од североистокот до канцеларијата на Народниот правобранител во Куманово, соопштија денеска оттаму. Најголем процент од поднесените претставки се однесуваат на работата на извршителите, од потрошувачките права.

- Поднесени се 64 претставки. Најголем дел се однесуваат на работата на извршителите, следуваат претставки од областа на потрошувачки права, кои се однесуваат на постапувањето на ЕВН и на комуналните претпријатија во општините кои ги покрива канцеларијата на Народниот правобранител Куманово. Граѓаните поднеле претставки од областа на граѓанските состојби кои се однесуваат на работата на МВР во врска со изработка на документите за лична идентификација и патни исправи, информираа од канцеларијата на Народниот правобранител.

Жителите од Куманово и од општините од североисточниот регион, Липково, Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане и Ранковце во првите шест месеци од годината поднеле и претставки од областа на пензиско и инвалидско осигурување, кои, како што соопштија од канцеларијата, се однесувале на одолговлекување на постапката за остварување право на старосна или семејна пензија, претставки од областа на социјална заштита поврзани со остварување право на гарантирана минимална помош и други права од социјална заштита, потоа претставки од областа на урбанизам и од имотно-правна област.

Институциите кон кои се однесувале претставките главно одговарале на барањата и укажувањата на Народниот правобранител, но законскиот рок од 8 дена не секогаш бил запазен.

Канцеларијата ја посетиле 220 граѓани, некои од нив по неколкупати интересирајќи се за текот на постапката или за проблем за кој сакале да добијат мислење и совет од надлежните. ам/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан