• понеделник, 23 декември 2024

Женски месни совети формирани во рурални и урбани средини во Вардарски регион

Женски месни совети формирани во рурални и урбани средини во Вардарски регион

Демир Капија, 23 октомври 2024 (МИА) - Женски месни совети како неформални групи се формирани во неколку рурални и урбани средини во Вардарски регион. Претставнички од неколку заедници вечерва беа дел од настанот што се одржа во Демир Капија. 

- Целта на активностите во кои беа вклучени жените од демиркаписката села Корешница, Бистренци Прждево, росоманските Сирково, Манастирец и Трстеник, како и Виничани, Ногаевци и Водоврати од општина Градско, како и две урбани заедници од Демир Капија и Градско, беше активизам во процесот на актуелизирање и решавање на локалните проблеми, појасни Менче Николова, програмска раководителка во Организацијата на жени „Женско лоби“ од Демир Капија. 

Таа подвлече дека работата на овие совети е видлива и резултира со реални промени во неколку сегменти од секојдневниот живот. 

- Локалните самоуправи во Демир Капија, Градско и Росоман ја подобруваат праксата за креирање на граѓански буџет преку инклузивно партиципирање на сите граѓани, а посебно на жените од руралните средини, истакна Николова. Всушност, ние како организација веќе три години работиме на ова поле и со задоволство можам да кажам дека ефектите се видливи, нагласи таа.  

Се осврна и на многубројните активности реализирани во овие средини, за подобрување на секојдневниот живот во нив. Асфалтирање улици, подобро улично осветлување, подобрена јавна чистота, отворена рурална детска градинка во еден и проширена во друг случај, реконструирани училишни објекти и поставени видео надзори во училишта за зголемена безбедност на учениците, вработените и имотот, како и други зафати во школски објекти, обезбедување редовни линии за превоз, хуманитарна и активност за солидарност,  се само дел од реализираните нешта, од областа на комунална инфраструктура, образование, култура, спорт и слично. 

- Две наши активистки од Сирково станаа дел од Месната заедница во селото и ја користат оваа позиција за да влијаат да бидат преземени активности во насока на задоволување на приоритетните потреби на жените од ова село. Наша цел е овој пример да се преслика и во други села за да се зголеми бројот на жени кои ќе бидат дел од некој орган кој носи битни одлуки, нагласи Николова. 

Таа појасни дека сите овие активности беа реализирани во изминатите девет месеци.  
- Проектот ,,Моќни женски совети" се реализираше со хрватски финансиски средства, преку донаторот Екуменска Иницијатива на жени, Омиш-Р.Хрватска. Овој проект е дел од годишната програма на демиркаписката организација, која е институционално поддржана од Акција Здруженска од Скопје, сподели Николова.свд/ар
Фото: МИА 

Остани поврзан