• четврток, 26 декември 2024

Жените со 17.5 проценти пониски плати од мажите

Жените со 17.5 проценти пониски плати од мажите

Скопје, 23 ноември 2023 (МИА) - Платите на жените во државава се за 17.5 проценти пониски од тие на мажите. Нивните бизниси се застапени само со 30 проценти и не е искористен потенцијалот со кој можат да ја подобрат состојбата во економијата, истакнаа учесниците на Третиот Самит за женско прерприемништво, што се одржува од денеска во Скопје. 

-Капацитетот на жените во бизнисот не е искористен затоа што помалку од 30 проценти се жени сопственици на бизнис, а помалку од 50 проценти жени се активни на пазарот на труд поради што мора да работиме на зголемување на нивниот капацитет како економски ресурс. Повеќето од жените се во микро и малите претпријатија, а многу малку во големите компании, што значи дека она што го работат жените е со мал обрт и со малку вработувања, рече Валентина Дисовска од Националната платформа на женското претприемништво.

Според неа, потребна е едукација, но и препознавање на добри практики и менторство, како и посветеност од институциите за подобрување на состојбите. Исто така и фонд за поддршка за претприемништво.

-На  бизнисот, на економијата и се потребни квалитетите на жените. Поддршката и промовирањето на женското претприемништво ќе ја подобри севкупноста на конкурентноста, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. 

Според него, во последните години е направено многу за женското претприемништво, во кое, како што рече, има голема надеж. 

Намалувањето на родовиот јаз е клучен за користење на потенцијалите на женското претприемништво во економијата, рече Битиќи истакнувајќи дека во буџетот за 2024 година е предвидена финансиска поддршка на женското претприемништво. 

За 34.25 проценти е зголемен бројот на компании управувани од жени, што според министрот за економија Крешник Бектеши покажува дека мерките на Владата имаат поддршка, но тоа не е доволно и ќе следуваат нови активности и дополнителни финансии, согласно со укажувањата од претставничките на женските бизниси. 

На настанот со над 100 учесници се споделуваат најдобрите практики и идеи за промоција, развој и поддршка на женското претприемништво. Дискутираат претставници од институции, организации и жени претприемачи, кои се значајни за развојот на екосистемот за женско претприемништво. 

Самитот се организира како годишен настан на проектот „Национална платформа за женско претприемништво (НПЖП)“, кофинансиран од Европската Унија.  

Целта е да се зголеми видливоста и профилот на Платформата и придобивките што таа ги обезбедува за засегнатите страни и женското претприемништво. 

Ќе бидат доделени три награди од Министерството за економија, за најуспешна претприемачка во микро, мали и средни претпријатија а Националната платформа ќе додели награди за најдобра млада лидерка и за најдобра граѓанска организација -добра практика. лв/ев/

ФОТО: МИА и Принтскрин

Остани поврзан